Првата идеја била осомничениот бизнисмен да се направи заштитен сведок и со наредба да се запре истражната постапка против него.

Ова сценарио веројатно произлегува од исказот на Јанева, кој го дала како сведок, со кој пред колешката Вилма Русковска се обидела да ги оправда своите постапки, бидејќи таа и во својата писмена изјава до јавноста напиша дека го врбувала Камчев за сведок. Меѓутоа тогаш споменуваше друга предистрага, а од изјавата на Јовески, се сфаќа дека првоосомничениот Камчев требало да стане заштитен сведок во „Империја“?!

-Обвинителката требало да ја олесни неговата положба во таа истражна постапка со тоа што тој ќе добие својство на заштитен сведок и ќе ја запре постапката, појасни неодамна Јовески.

Според правниците, ваквата идеја е правно невозможна, или неразумна, бидејќи не може првоосомничениот да го токмиш за заштитен сведок, бидејќи во овој случај и Камчев и Сашо Милајков се врвот на империјата. Тоа евентуално можело да се договори со некој од последноосомничените.

Освен ова сценарио, имало и план Б.

Односно, другата, пореална варијанта, била да се склучи спогодба со која бизнисменот ќе ја признае вината, но не за делата за кои се гони, туку за многу полесни, со што ќе се спаси од затворска казна, а ќе треба да плати само материјална отштета.

В.В.