Боки 13 ја посетувал Катица Јанева во нејзиниот дом, покажуваат ПИ мерките

by fokus

Бојан Јовановски – Боки 13 се гледал со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и одел кај неа, во нејзиниот дом, ова го покажале снимките од ПИ мерките кои денеска се прикажуваат во судница на рочиштето за предметот „Рекет“ во кој обвинети се Боки 13 и Јанева. Според одбраната во снимките нема ништо спорно.

– Да видиме Обвинителството какви заклучоци ќе извлече, но ние не гледаме било каков доказ дека со овие мерки се открива нешто инкриминирачко за било кој од обвинетите. Не гледаме ништо чудно во тоа. Они не кријат дека имале контакти, истакна адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев.

Одбраната на неколку пати реагираше дека обвинителството ги изведува несоодветно материјалите од ПИ мерките, односно дека тоа што се чита не соодветствува со видео снимките кои се прикажуваат, како и дека треба подобро да се објаснуваат доказите.
Обвинителката Вилма Русковска, рече дека такви се извештаите од МВР, односно ги чита како што ги добила.

Од прикажаните видеа се гледа дека биле следени возило порше со бугараки ознаки и џип со македонски ознаки. Се прикажуваа и снимки од барот Интермецо, ресторан Воденица, во кругот на фабриката Охис и други локации во Скопје во јуни 2019, кога биле наредбите за ПИ мерки.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска.

Поврзани новости