Бојко Борисов: Сакаме Македонија да биде стабилна држава

by fokus

Бугарскиот премиер Бојко Борисов со германската канцеларка Ангела Меркел разговарал за Македонија и од неа побарал поддршка за нашата земја, изјави Борисов во интервју за Дојче веле.

Борисов и Меркел во Берлин го разгледувале планот за бугарското претседателство со ЕУ од 1 јануари 2018 година, но станало збор и за други теми, како ситуацијата во Македонија.

„Стана збор за Македонија. Видовте дека кога се случија инцидентите во парламентот, без никој да ги натера и и покрај тоа што јас тогаш бев во опозиција, не бев никој, среде ноќ ми се обратија тројцата – и Зоран Заев, и Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов. Затоа што се убедиле дека не само што сум добар човек, туку и многу сакам Македонија да е стабилна како држава, нашиот сосед да е стабилен. Зашто, за нас би било премногу – од едната страна е Крим, од другата Турција во воена состојба, Грција се тресе секојдневно, во Македонија видовме што се случи. Затоа ја убедив и канцеларката Меркел и останатите дека треба да им се помага.

За нас се важни, треба да ѝ дадеме шанса на новата влада и, се разбира, да продолжиме да разговараме и со Груевски, кој е од семејството на европските народни партии. Тоа значи дека и Македонија треба малку да мине по нашиот пат. Знаете колку бевме наострени (во Бугарија, н.з.), но тоа никогаш не ни донесе резултат. Силата произлегува од обединувањето. Консензусот е силата на нацијата“, изјавил Борисов за бугарската редакција на Дојче веле.

Борисов порачал дека Македонија и Балканот треба да почувствуваат перспектива за членство во ЕУ.

Поврзани новости