Црногорскиот поп пејач Бојан Маровиќ, кој беше доста близок пријател со Тоше Проески, се уште е под впечатоци од големиот концерт, кој што се одржа за време на викендот, во чест на музичката легенда.
Тој настапи на концертот со познатиот хит на Тоше, ,,Полско цвеќе”, а под налетот на емоции, пред многубројната публика која го направи ѕвезденото небо со мобилните телефони додека пееше, падна на колена.
Иако поминаа неколку денови од концертот, Маровиќ раскажува дека не може да ги смири емоциите и е трогнат од целиот настан, од енергијата и љубовта од публиката, упатена кон Проески.
-Тоа беше еден неворојатно емотивен миг за мене. Тоа се чувства силни како бура, се е помешано, и тага, и среќа и болка… Тага што тој не е со нас, среќа што луѓето го чуваат и неговата музика живее. Едноставно, Македонија е земја на сонцето, земја на прекрасни луѓе, и една од тие земји за кои секогаш сум кажувал дека е како моја куќа. Тоше е мојот другар, неговата топлина и дело го втемелија во редовите на големите воини и музичари на Македонија – ни изјави Маровиќ.
Тој беше гостин на последниот концерт на Тоше, на градскиот стадион во Скопје, каде заедно ја отпеаа ,,Тајно моја”, само единаесет дена пред трагичната смрт на Проески.
Никогаш не криел дека смртта на Тоше многу го погодила, бидејќи биле добри пријатели, кои имале многу заеднички спомени. Токму поради таа близина и големата тага, тој буквално клекна на колена пред публиката во Скопје, во ВИП Арена Борис Трајковски.
Вели дека тоа било негов начин да му се поклони на Тоше, но и на македонскиот народ.
-Неговите пријатели се оние кои се покрај него секој миг, и моја е честа секогаш да му се поклонам него, на неговите пријатели и секако на неговиот народ. Затоа и пеев на македонски јазик, и се надевам дека бев доволно гласен за да може и небото да ме слушне – раскажа за ,,Фокус” музичарот.
Вики Клинчарова