Богов убедува дека државата е финансиски стабилна

by fokus

Во услови на неповолни домашни случувања, македонскиот финансиски систем ја задржа својата стабилност, велат од кабинетот на гувернерот на Народната банка, Димитар Богов.

Ова бил заклучокот на денешната средба претставници на Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување, Комисијата за хартии од вредност и на Народната банка на Република Македонија.

Во меѓувреме, задолжувањата на државата на странските и домашните пазари останува главна тема на препукувања меѓу власта и опозоцијата.

Од СДСМ денеска го повикаа министерот за финансии Кирил Миноски да ги одложи задолжувањата на домашниот пазар, откако министерството вчера од комерцијалните банки позајми 9,2 милиони евра, за утредента да врати стари долгови од 18 милиони евра.

Од таму пак, убедуваат дека тие пари биле вратени во стопанството, со што би се раздвижила економијата, а велат и дека откажале „дури” три предвидени аукции на државниот пазар.

Освен задолжувањето на домашните пазари, продолжува и спорот со законитоста на еврообврзницата.

Опозицијата најави кривични пријави за сите инволвирани во издавањето на еврообврзницата, обвинувајќи дека е финансико злосторство на власта, која ќе ја одведе земјата во должничко ропство.

Од министерството за финансии пак, се заканија со контра-кривични пријави за како што велат, сите оние кои го нарушуваат угледот на државните институции.

Сагата со еврообврзницата и натаму продолжува, а во меѓувреме парите во вредност  450 милиони евра, со потпис од министерот за правда, вчера легнаа на сметката на Народна Банка.

Поврзани новости