Богојески: Задоволство ми е што ВМРО-ДПМНЕ прва ќе ја исполни препораката од ЕК за внатрепартиска демократизација

by fokus 17:45
17:45

Заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески во изјава за „Фокус“ издвојува една реченица од Извештајот на Европската комисија за напредокот во Македонија во која се вели дека партиите треба да ги зајакнат внатрепартиските демократски процеси. Во тој контекст, Богојески вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде прва партија која за еден месец тоа ќе го направи, за почеток декларативно.

-Можам да искажам задоволство што ВМРО ДПМНЕ ќе биде првата политичка партија во Република Македонија, која за месец дена ќе ја исполни оваа “европска цел”, како обврска од европскиот извештај, барем декларативно преку донесување на новиот Статут на партијата. Подоцна секако, практиките воспоставени со истиот, ќе донесат суштинска демократизација. Се надевам дека тој пример ќе го следат и СДСМ, ДУИ, АА и многу други, со цел до крајот на оваа година да констатираме дека обврската која е назначена во овој европски извештај, спроведен е успешен процес за внатрепартиска демократизација на сите поголеми политички партии. Со тоа и Република Македонија ќе покаже дека има аргументи во насока на исполнувањето на сите услови кон конечната цел – полноправно членство во ЕУ, вели Богојески.

Според него, Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија е еден сеопфатен документ кој доаѓа како резултат на заедничките напори на власта и опозицијата, во насока на нормализирање и стабилизирање на политичката ситуација во земјата.

-Многу значајно е што за прв пат во тој извештај е истакната потребата за воспоставување на внатрепартиска демократија, како гарант на демократските процеси во земјата, а уште повеќе како неопходно решение кое ќе спречи било какво насилство во парламентот во иднина. Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО ДПМНЕ “Демократска ВМРО ДПМНЕ за демократска Македонија” и Декларацијата “Европско ВМРО-ДПМНЕ за Европска Македонија” се суштински документи кои промовираат високи стандарди во таа област, а станаа општоприфатени акти од меѓународната заедница и од граѓаните на Република Македонија, заклучува заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани новости