Богојески за „Фокус“: Ако треба од човек на човек ќе ја објаснуваме нашата иницијатива за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Неколку дена откако членови на ВМРО-ДПМНЕ ја промовираа иницијативата за демократизација на партијата, тие беа разрешени од партиските функции. Еден од иницијаторите, Петар Богојески, кој инаку е државен советник во Министерството за одбрана, за „Фокус“ вели дека иницијативата за реформирање и демократизација на ВМРО ДПМНЕ е започната за да успее, а од успехот на истата ќе зависи иднината на партијата.

-Се уште сме оптимисти дека раководството ќе изнајде сили во себе и ќе покаже минимум демократски капацитет за да отвори дебата на оваа тема во рамки на органите на партијата. Од тој однос зависат и идните чекори. Доколку се отвори јавна дебата, вниманието ќе се насочи кон промовирање на неколку типови на внатрепартиска демократија и избор на најсоодветниот за нашата партија, негова имплементација во Статутот и сл. Доколку не се отвори таа дебата и се продолжи со стратегијата на лична дисквалификација кон партиските членови кое се залагаат за оваа идеја, тогаш следните активности ќе се насочат кој јавна презентација на нашите предлози, акција од човек на човек, објаснување на нашите идеи на пониските партиски структури, се со цел да се обезбеди поддршка од мнозинството наши членови, вели Богојески.

Наскоро иницијаторите ќе промовираат Декларацијата за демократизација на ВМРО ДПМНЕ, која ќе стане достапна за секој член, но и за целата јавност. Истата одблиску ќе ги афирмира деталите на предлогот на оваа иницијатива.

-Нашата решителност е јасна, нашата цел е чесна и нашите мотиви се многу едноставни – ВМРО ДПМНЕ за нас е семејство. Сега истото е „нападнато“ и има потреба од поддршка од сите припадници во тоа семејство. Наша должност е да дејствуваме и да обезбедиме иднина за нашата партија, вели Богојески.

Катерина Смилева

Поврзани новости