Богојески: Социјалниот дијалог е невозможна мисија, решението е во индивидуалното поведение

by fokus

Заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески има поинаква теорија за работничките права, а тоа е дека треба да се промовира солидарноста кај секој индивидуалец. Во изјава за „Фокус“ вели дека социјалниот дијалог е невозможна мисија.

-Државната регулација во областа на работничките права е фактор кој нарушува права и слободи, а не промотор на истите. Тој државен интервенционализам обично ги потиснува мотивот и можностите за успех на најтрудољубивите, а ги остава без заштита најслабите. Решенијата базирани на солидарноста се вистинска иднина за т.н. “работнички права”. Сопствениците на “средствата за производство” се прво повикани да ја практикуваат солидарноста. Тоа е лично поведение на секого, кое ќе стане “популарно” само доколку општественото прифатливо поведение “притиска” во таа насока. За жал ние се уште сме далеку од тој тип на високо морално општество, каде активизмот за општото добро и помош за најслабите е на пиедесталот на истото. Т.н. социјален дијалог е невозможна мисија. Јалова реторика без конкретни разултати. Често решенијата кои ги донесува, не се почитуваат од самите учесници во истиот тој дијалог, смета Богојески.

Според него, само моралното општество, каде човечките вредности и почитта кај секој поединец, е вистинското решение.

-Тоа значи дека решението е во индивидуалното поведение, а не во регулацијата и одлуките на колективитетите. Балансот помеѓу “мотивиран граѓанин”, кој создава за себе и за своето семејство, и желбата истото да го сподели со познати и непознати, е само лична одлука. Тука државата може само да мотивира во таа насока. Од друга страна одликата на “немотивираниот граѓанин”, кој не создава доволно за себе и за своето семејство, треба во целост да се почитува, а одговорноста за неговата состојба е само негова, повторно само лична одлука. Имаме многу да сработиме во таа насока, кон изградба на морално општество на солидарни граѓани. Честитки за сите граѓани кои го прославуваат и почитуваат овој празник. Ви посакувам се најдобро, завршува Богојески.

К.С.

Поврзани новости