Богојески: Нашиот конзервативизам ќе донесе огромна подршка за ВМРО ДПМНЕ кај муслиманската популација, а не „груевиот либерализам“

by fokus

Очигледно погрешно ги разбрал нашите пораки, па поита да промовира „либерална партија“. Ова е реакцијата на Петар Богојески од Иницијативата за реформи и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ за „новата ера“ на лидерот на партијата, Никола Груевски. Богојески искажува загриженост за состојбата во која е неговата партија, поради, како што вели, инсистирањето на Груевски да ја употребува исклучиво за свои лични интереси.

-Водењето на партијата од крајност во крајност, и тоа преку промена на политиките на дневна основа, отвара една друга димензија на неговата личност, за која ми е непријатно да зборувам. Но, особено непријатно е за нас, членовите на ВМРО да констатираме дека се уште актуелниот лидер, постанал “либерал” само поради тоа што мисли дека така ќе се спаси себеси. Груевски слободно може да ја промени сопствената политичка определба, преку промена на членството во друга партија или да формира нова политичка партија, некоја „квази либерална опција” во приватна сопственост. Секако дека жестоко се спротивставувам на искривувањето на вредностите и целите кои произлегуваат од доктрината на нашата ВМРО ДПМНЕ, која е доминантен претставник на историското ВМРО во овој период. Нашата модерна европска идеолошка платформа е јасно промовирана во статутарните одредби и во доктриналните акти донесени на предходните Конгреси, и нејасна е дрскоста на Груевски да ги отфрли истите, како ВМРО да е ДООЕЛ Груевски, и на своја рака да промовира нешто што нема идентификација ниту во политичката теорија, ниту во модерната политичка практика. Токму нашиот конзервативизам е основата која ќе донесе огромна подршка за ВМРО ДПМНЕ кај муслиманската популација во Република Македонија, а не „груевиот либерализам“, вели Богојески.

Тој открива дека состојбата во Општинските комитети е катастрофална, владее летаргија и безидејност, поделеност помеѓу членовите, а внатрепартиската солидарност е минато. Според Богојески, тоа е предизвикано од недостатокот на јасни насоки за нивните активисти на терен, но и од начинот на кој Груевски повторно ги утврдил кандидатите за градоначалници и советници, повторно на своја рака, без да се почитува било каква процедура или да се консултира базата.

-Кандидатите не се виновни, тоа е воспоставена пракса на која инсистира самиот Груевски, не сакајќи да се откаже од својот „султанат“. Дел од нив не прифатија да бидат на кандидатски листи, токму поради принципите кои ние ги промовираме.
Второ, Груевски исплашен од успехот на политиките кои ги промовира Внатрешната иницијатива за реформи во ВМРО ДПМНЕ, пред домашната и меѓународната јавност, презема чекори со кои уште еднаш докажа дека е безидејна и некредибилна личност за лидер на партијата, вели Богојески.

Тој додава дека Иницијативата за реформи продолжува со жестоко темпо на терен, со цел нивната вистина да стане достапна до секој член.

-Не се штедиме себеси, ниту сопственото здравје, со цел да ја заштитиме ВМРО ДПМНЕ од самоволието на Груевски, и на тој начин да го сочуваме нејзиниот изворен конзерватизам како модерна десно- центристичка партија, заклучува Богојески.

Поврзани новости