Богојески: Економската понуда на „Обновата на бандитизмот“ е популистичка и неодржлива

by fokus

Лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески во изјава за Фокус ја коментира економската понуда која ја претстави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според Богојески, програмата е популистичка и не е одржлива.

-Внимателно ја разгледавме “економската понуда” на Обновата на бандитизмот, и не можевме да не констатираме дупли популизам од оној на СДСМ. Од една страна намалување на даноци, од друга страна зголемување на плати и пензии. Дали тоа значи дека финансирањето ќе биде со уште поголемо задолжување? И сето тоа базирано на политики на гол левичарски интервенционизам. Ништо иновативно и економски издржано и одржливо. Ветувањата на Мицкоски се празен лист на хартија! После толку многу изборни кампањи, запрепастува обидот за потценување на интелигенцијата на граѓаните, обидот за понижување на народот. Наивно е да очекуваш дека некој во 2020 година ќе ти поверува во лажни и економски неиздржани ветувања за вештачки пораст на плати и пензии. Во очекување сме на “економската понуда на Слепиот пат”, па да ја продискутираме. Очигледно и двете “понуди” се силно конкурентни во левичарскиот “економски” кампус, каде државата и мафијата, а не пазарот, го имаат главниот збор, вели Богојески.

Тој смета дека на Македонија и треба стабилен и слободен раст на економијата и повлекување на државата и мафијата од мешање во стопанството.

-Со тоа се реформира државата, која само ќе го подпомага бизнисот во насока на силно претприемништво во трите сектори, јавниот, приватниот и социјалниот. Ова не се прави брзо и лесно, ова е потешкиот, но единствениот пат за силна македонска држава на богати и достоинствени граѓани. Ова е патот на Македонски концепт, заклучува Богојески.

К.С.

Поврзани новости