Богоевски: Мило ми е што Филипче е единствениот маж говорник на расправата за Законот за бременост

by fokus

Пратеникот, Павле Богоевски, го пофали вчерашниот тек на расправата за Законот за прекинување на бременост, посочувајќи дека министерот за здравство, Венко Филипче, бил единствениот маж говорник.

„Многу ми е мило што на жестоката јавна расправа за Законот за прекинување на бременост, досега министерот за здравство е единствениот маж говорник. По службена должност, бидејќи неговото министерство го предлага законот.

Крајно време е, повторно да оставиме жената да одлучува за своето здравје, своето тело и својата иднина.

Инаку, неколку верски лидери се обидоа да дојдат на расправата. Бидејќи не беа поканети од страна на Комисијата за здравство согласно Деловникот, не им беше дозволено да присуствуваат“, напиша Богоевски.

Инаку измените во законот предвидуваат укинување на административните бариери во постапката за абортус, измени кои ги донесе претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, што предизвика револт кај граѓаните и протести.

Филипче во својот говор порача дека бременоста е ексклузивно право на жената.

„Ова не е работа ниту на судии, попови, оџи и политичари. Не е наша работа да копаме и зошто ја натерало да направи абортус“, рече Филипче.

Уранија Пировска, од Хелсиншки комитет, пак му заблагодари на Собранието што не дозволило на јавната расправа да дојдат претставници од верските заедници, кои не биле поканети на расправата, а сакале да влезат.

„Овде се носат световни закони, а не верски и ова е секуларна држава“, рече Пировска.

Поврзани новости