Богоевски и Ахмети и денеска не се соочија на суд

by fokus

По втор пат се доложи судењето на екс директорот на ДБК Слободан Богоевски, на кого му се суди во Основниот суд Скопје 2, по поднесена тужба за клевета од лидерот на ДУИ Али Ахмети и неговиот соработник Муса Џафери.

Судијата Нухи Рустеми наредното рочиште го закажа дури за 25 мај, до кога треба да се обезбедат докази дали Богоевски ги „наклеветил“ Ахмети и Џефери, на територијата на Македонија или во странство. Имено, одбраната на Богоевски на денешното подготвително рочиште тврдеше дека нивниот клиент изјавата ја дал во американската амбасада во Македонија, за потребите на судот во Њујорк, како сведок во случајот „Маѓар Телеком“. Според нив ова значи дека изјавата не е дадена на македонска територија, поради што Основниот суд Скопје 2 не е надлежен.

Адвокатите на Ахмети, пак, тврдеа дека во медиумите било објавено дека Богоевски изјавата ја дал во канцеларија на адвокатка од Скопје, а на средбата присуствувала и нотарка.

За да се утврди каде точно била дадена изјавата, адвокатката и нотарката на наредното рочиште ќе бидат повикани за сведоци, а дотогаш се очекува и одбраната на Богоевски да добие одговор од американската амбасада, за тоа дали изјавата била дадена кај нив.

Изјавата што ја даде Богоески пред американската Комисија за хартии од вредност, како и пред окружниот суд во Њујорк во Македонија стана актуелна откако американскиот суд ја објави на својата интернет-страница, а македонските медиуми речиси интегрално ја пренесоа.

Според сведочењето на Богоески за Њујоршкиот суд, вкупно 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија со службен владин автомобил за поткуп на тројца политичари, експремиер Владо Бучковски, Ахмети и Џафери.

Поврзани новости