Богоев ќе формира Еко полиција во Карпош

by fokus

Пратеникот Стефан Богоев, кој е и кандидат за градоначалник на СДСМ во Карпош, најавува мерки во оваа општина за справување со загадувањето на воздухот. Освен попис на целото зеленило на територија на општина Карпош и негова заштита, Богоев вели дека како градоначалник ќе работи на изградба на нови паркови и зелени површини секаде онаму каде што е изводливо.

-Ќе покренеме иницијатива за формирање на Еко полиција во соработка со извршната власт. На овој начин ќе се заштити и унапреди постоечкото зеленило и ќе се лоцираат и казнат загадувачите. Гарантираме чист воздух и поголеми зелени површини за сите граѓани на Карпош – изјави Богоев денеска.

Загадувањето во општина Карпош кое е високо и за време на летниот период,  рече тој, достигнува драматични размери. Официјалните податоци покажуваат дека освен ПМ честички, во воздухот постои и големо количество арсен.

-Присуството на канцерогената супстанца арсен во воздухот, на моменти изнесувала и 14 нанограми на метар кубен што е двојно повеќе од пропишаната граница од 6 нанограми на метар кубен. Тоа е огромно количество отров што жителите на Карпош го вдишуваат. Додека граѓаните на Карпош дишат опасен воздух кој и не е доволно испитан, локалната власт предводена од Стевче Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ со години го игнорираат овој огромен проблем во општината. Граѓаните на Карпош се оставени сами на себе да се борат против загадувањето и сами да ги лоцираат и пријавуваат загадувачите, без никаква помош од локалната власт – изјави Богоев.

Поврзани новости