Богдановиќ од Турција ја почна контролата врз градежниот хаос во Центар

by fokus

Не е ни 24 часа градоначалник, а Саша Богдановиќ веќе ги испрати првите инспектори на терен да направат проверка на градежниот хаос кој е белег на Центар. Инспекторите ги прати од Турција каде е денеска на службено патување. Во Истамбул му е првата официјална средба од позиција на градоначалник. Вели дека на покана од локалната самоуправа ќе разговара со проекти кои треба да се реализираа.

Урбанистичкиот хаос во Центар не се решава преку ноќ. Богдановиќ им фрли пик на три објекти кои се во изградба. Дивоградба на Кале, штотуку започната градба позади ресторанот „Томче Софка“ во градскиот парк, и Градската куќа  која се гради според решението на стариот Офицерски дом.

Зошто токму овие градби? Богдановиќ вели дека не е ништо тенденциозно.

-Трите објекти не се никако поврзани еден со друг. Во изборната кампања најавуваме дека од стар ќе започнеме проверка на сите градби. Сакаме да провериме дали се работи согласно ДУП-овите, а крајната цел ни е детална и објективна ревизија на градбите од проектот „Скопје 2014“ – изјави тој за „Фокус“ од Истанбул.

Инспекторите на Центар ќе ја проверуваат целосната документација на сите три објекти. Во случајот со тој на Кале веќе било констатирано дека нема одобренија за градба.

-Донесен е записник и му е наложено да ја врати првобитната состојба, но инвеститорот го нема направено тоа. Следи решение за отстранување. Доколку не ја сруши дивоградбата, ние ќе го направиме тоа – вели Богдановиќ.

Во врска со објактот позади ресторанот „Томче Софка“ се утврдени ископи, но без да биде означено што се гради. Богдановиќ вели дека му е наложено на инвеститорот да дојде во Општината и да приложи што гради и дали има согласност.

Што се однесува до Градска куќа испратен е инспекциски надзор да провери дали се што е пропишано во одобренијата е согласно законските норми.

Богдановиќ ќе биде до сабота во официјална посета на општина Бијоглу, Истанбул во рамките на состанокот на градоначалниците на збратимените градови.

Маја Васева

Поврзани новости