Богдановиќ: Очекувам победа во првиот круг

by fokus

Кандидатот за градоначалник на СДСМ во Општина Центар, Саша Богдановиќ, очекува победа на локалните избори уште во првиот круг. Се надева дека поддршка ќе му дадат поголем број на граѓаните и дека ќе го надмине бројот на гласови што го освои претходниот градоначалник од коалицијата на СДСМ, Андреј Жерновски.

-Согласно анкетите и последните резултати што ги имам освоено, каде рекордно над 8.000 граѓани се произнесоа за мене, се надевам на загарантирана победа уште во првиот круг. Но и со промена на централната власт, луѓето се веќе ослободни да му се спротивстават на режимот. Со добра програма и кампања ќе успееме да ја подобриме бројката од минатите избори – вели тој за „Фокус“.

Богдановиќ е актуелен директор на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“. Вели дека ќе настапи со добра програма и конкретни предлози за решавање на проблемите на граѓаните.

-Планираме изградба на уште една градинка, довршување на основното училиште во Капиштец. Изградба на мотажни паркинзи, од кои еден во Капиштец, за да се зголемат капацитетите за паркирање. Но и мораториум во Дебар маало за сите неотпочнати проекти, како и преиспитување на ДУП-овите донесени во време на Тодоровиќ – вели Богдановиќ.

ВМРО-ДПМНЕ се уште не го објави својот кандидат за оваа Општина, но се шпекулира со неколку имиња. Возможно е оваа партија да ја кандидира пратеничката Даниела Рангелова, која претходно беше советник во Центар, но циркулираат информации дека кандидатурата ќе и биде доделена на претходната пратеничка, Солза Грчева. Советникот Томислав Лазаревски, најверојатно ќе биде носител на листа.

Инаку, СДСМ денеска и официјално објави дека ќе го кандидира Богдановиќ откако градоначалникот, Андреј Жерновски реши да се повлече од трката на локалните избори.

Поврзани новости