Бочварски размислува да подигне кредит за да им ги исплати платите на вработените

by fokus

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, вели дека една од опциите за решавање на проблемот со испразнетата каса во Општината е подигнување на кредит со цел вработените да не останат без плати. Како што изјави денеска Бочварски на Општината и се потребни 5.200.000 денари за општинските службеници и вработените во двете јавни претпријатија да ја добијат заслужената плата.

-На сметката недостасуваат околу еден милион денари да се исплати плата за Општина Штип, 1.200.000 денари за ЈП „Стипион“. Тоа се веќе 2.200.000 денари. Што се однесува за ЈП „Исар“ по вториот изборен круг таму недостасуваа сите пари јас би рекол, а таму платата е некаде околу девет милиони денари. Во овој момент на сметката на „Исар“ за да се исплати плата фалат уште три милиони денари – рече Бочварски.

Тој истакна дека ќе се истражува за кои проекти на една штипска градежна фирма се исплатени над еден милион денари во вакуум периодот од два дена, кога претходниот градоначалник си замина од оваа функција, до моментот, кога Бочварски ја презема и го добива уверението за четири годишен мандат. Бочварски истакна дека веќе се прават напори за над 700 вработени кои се под ингеренции на локалната власт да си ги добијат своите плати.

– Денеска, а и во текот на утрешниот ден ќе ги направам сите напори овие средства кои што недостасуваат кон двете јавни претпријатија и на сметката на Општина Штип да се обезбедат најбрзо што е можно. Ако треба една од варијантите е да се повлече и кредит за вработените да не трпат, а ова што ни се случува е поради неодговорното, некоректното, несовесното однесување на Илчо Захариев и претходната локална власт – вели Бочварски.

Во текот на наредните денови ќе се донесе одлуката како ќе се обезбедат парите за исплата на плата на вработените во штипската локална власт, кои имаат свои редовни обврски, но и кредити за плаќање.

Поврзани новости