Благица Калева: И тоа го дочекав, во нашиот дом да се плаче од среќа!

by fokus

Во домот на популарната фолк пејачка Благица Калева, во Струмица, вчера имало голема причина за радост. Борче, момчето на нејзината ќерка Марија, на романтичен начин, со транспарент и со музика, ја запросил својата сакана, а на пат било и бебето.
За „Фокус” Благица раскажува низ солзи за убавиот настан, а гласот и трепери од емоции. Вели дека по сите горчливи солзи кои ги исплакала во животот, вчера за прв пат пролеала солзи радосници.

-Ете, и ние дочекавме во нашиот дом да се пее, да се плаче од среќа. Марија и Борче се заедно од деца, цели 13 години трае нивната љубов, и бебето ќе ни дојде наскоро. Иако се подразбираше дека тие, со оглед на нивната љубов и желбата да си имаат свое семејство, еден ден ќе запловат во брачните води, сепак, запросувањето на некој начин беше изненадување. Борче ми се јави и ми откри што подготвува, па заедно се договоривме да и кажеме на Марија дека ќе одиме на роденден, се дотеравме, како што доликува. Седевме дома, таа чека Борче да и се јави, наводно за роденденот, јас целата треперам, не смеам ништо да откријам, а ни самата не знаев што точно ќе и приреди. Тогаш тој и се јави и и рече да излезе на балконот. Живееме на четвртиот кат во зградата, а доле на приземје се наоѓа неговиот дуќан со оптика. Марија ништо не предосети, а кога се појави на балконот, Борче и неговите другари беа доле со голем транспарент. Во исто време, пред влезната врата се слушнаа звуците на гитарите, мојот бенд ја засвири песната ,,Дајте ми ја” – вели Благица.

Раскажува дека моментот бил доста емотивен, но се трудела да остане смирена.

-Емоциите не преплавија и двете, не можев да ги сопрам солзите. Не се сеќавам кога последен пат сум била вака среќна, и само си реков – Фала ти Боже, и нам да ни се случуваат убави работи, да продолжиме напред во животот радувајќи се на секој нов ден, со радост да си го чекаме раѓањето на бебето, да можеме да се смееме од срце – раскажува Благица.

Додава дека е горда на својата Марија која е професор по англиски јазик и сопственик на едукативниот центар ,,Академика”. Среќна е што сама успеала да ја израсне во една зрела и одговорна личност, и додава дека спомените остануваат во срцето, но мора да се оди напред, да се бара радост во новите утра кои доаѓаат.

Јавноста знае за тешката животна судбина на Калева, која пред околу 18 години во тешка сообраќајна несреќа ги изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин. И самата беше повредена, а по несреќата се посвети на ќерката Марија и и се врати на музиката со настап на Фолк фест Валандово, каде пееше за Викторија и Костадин и го освои првото место со баладата ,,За моите очи четири”.

Лани, повторно се закити со првото место на Валандово фест, со песната ,,Горда мајка” која и ја посвети на Марија. Стиховите не оставија никого рамнодушен и публиката во салата не можеше да ги сопре солзите.

-Домот ми се исполни со песна, се собравме големо друштво синоќа, започна ново поглавје во нашите животи. Се трудам да не се навраќам на минатото, Марија ја заслужува целата среќа на овој свет, а јас иста среќа им посакувам на сите родители, да си дочекаат од своите деца само убавини – порача Благица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости