Блага и Ефто, комбинација за сите времиња на винскиот фестивал во Скопје

by Fokus

Од утре, па се до сабота ќе трае традиционалниот македонски вински фестивал „Skopje Wine Expo“ кој се одржува под покровителство на Град Скопје. Настанот ќе се случува на плоштадот ,,Мајка Тереза” и секој ден со почеток од 18 часот присутните ќе ги забавуваат голем број на музичари од земјава и регионот.

Со добрата музика ќе се дегустираат вина и гурмански специјалитети. Покрај многуте музички гости од поп, рок и хип хоп сцената, годинава на винскиот фестивал за љубителите на фолк евергрините ќе гостуваат доајените на македонската песна, Ефто Пупиноски и Блага Петреска.

Тие ќе настапат утре, Петреска со почеток од 20.45 часот, а пак Пупиноски веднаш по неа, со почеток од 21.45 часот. Седумдесет и две – годишната Блага важи за пејачка со доста долг стаж и успешна музичка кариера. Таа веќе подолг период е пензионерка, а пензијата ја добила од МНТ, каде беше член на операта со децении.

Шеесет и шест – годишниот Ефто исто така може да се пофали со долг естраден стаж и низа на хитови кои со децении наназад се пеат на разни прослави и се вртат на радио станиците. Двајцата доајени имаат отпеано повеќе дуети, но и многу пати во минатото настапувале заедно на разни манифестации.

Кога пред пет години Пупиноски одржа солистички концерт во Универзална сала, прва гостинка му беше Петреска. Тогаш тој изјави дека без неа неговиот концерт не би бил целосен, бидејќи со децении соработуваат и не можат да се тргнат еден од друг. За нив се вели дека се комбинација за сите времиња и одлично се надополнуваат на сцената.

Идејата на организаторот да ги покани Блага и Ефто да настапат на фестивалот во иста вечер, љубителите на нивните песни ја поздравија на социјалните мрежи, коментирајќи дека доброто вино најмногу ,,оди” со нивните евергрини. На фестивалот ќе настапат и Брас Брадерс, Тропико бенд, Слаткаристика, бугарскиот продуцент Криско, бугарскиот пејач Графа, Нокаут, Ареа, Александра Јанева и Марко Логаут со проектот – Тоше Проески Трибјут, Либеро Бенд и Ксмет Оркестар, Амон Мра, Дј Оки Доки и други.

Поврзани новости