По тригодишна соработка со „РЕК Битола“, битолски „СВ-Инвест“ падна во стечај

by Фокус

Битолската компанија „СВ-Инвест“, која стана актуелна во јавноста поради тендерите што пред 3 години почна да ги добива од АД „Електрани на Северна Македонија“ за работа во Рударско-енергетскиот комбинат „РЕК Битола“, доби негативна референца, а потоа падна во стечај, пишува најновиот број на неделникот Фокус.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, за тригодишниот период од 2018 година досега, „СВ-Инвест“ склучил 30 договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 388 милиони денари или 6,3 милиони евра, при што најмногу и најголеми договори биле склучени со АД „ЕСМ“ (поранешен АД „ЕЛЕМ) за работа во „РЕК Битола“.

Арно ама, во март годинава битолската компанија заработи негативна референца или 6-месечна забрана за учество на тендерски постапки, бидејќи, како што велат од самата компанија, не биле во можност да обезбедат банкарска гаранција за потпишување на договор за антикорозивна заштита на челични конструкции со АД ЕСМ/ЕЛЕМ, откако претходно биле избрани за најповолен понудувач.

Додека сѐ уште трае оваа забрана за пристап до јавните проекти и средства, од битолскиот основен суд информираа дека против фирмата е отворена стечајна постапка, при што засега како доверител со најголемо побарување од над 200 милиони денари се појавува битолски „Пелистер“ на Силјан Мицевски.

Притоа, за стечаен управник е назначен Коле Волчевски, кој посочува дека досега побарување пријавиле 7 доверители, меѓу кои има повеќе банки, меѓутоа се очекува овој број да се зголеми до истекот на законскиот рок. Следното таканаречено испитно и извештајно рочиште рочиште е закажано во јуни, кога судот всушност треба да ги прифати или отфрли барањата на доверителите.

Инаку, на ист ден стечај е отворен стечај за уште една битолска компанија – „Битексимо-Ком“, која, според Централниот регистар, порано ја поседувал актуелниот сопственик на „СВ-Инвест“ Стојан Чифлигароски, додека денес ја поседува неговиот баџанак Николче Поповски. Во двете компании контроли извршила Управата за јавни приходи, од каде, сепак, но не обелоденуваат какви се наводите, повикувајќи се на законските одредби за даночна тајна.

Отварањето на стечајна постапка не значи и нужно ликвидирање на друштвото, туку, согласно Законот за стечај, предвидена е и можност за предлагање и усвојување на план за реорганизација – ни изјави Чифлигароски, додавајќи дека „СВ Инвест“ има обврски кон добавувачи и банки од 971 милиони денари, но истовремено има побарувања од купувачи во износ од 661 милиони денари, а поседува и имот.

Целиот текст прочитајте го новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

 

Поврзани новости