Битола парализирана, ВМРО-ДПМНЕ излезе да ја „чува” победата

by fokus 18:09
18:09

Стотина членови на ВМРО-ДПМНЕ во моментов се собрани пред партискиот штаб во центарот на Битола. Улицата пред хотелот „Епинал” е блокирана, а се зголемува и присуството на полицијата.

Членовите на партијата не сакаа да кажат зошто се собрани, а од оние од кои успеавме да „извадиме” два-три збора, дознавме дека ВМРО-ДПМНЕ е излезено за да ја „чува победата на изборите”, од Државната изборна комисија. Други пак, мислат дека се работи за „обичен собир”.

- Advertisements -

-Собир бе, собир. Си се бериме членството си славиме – ни изјави една од неколкуте средовечни жени кои во друштво се дојдени пред штабот.

Истовремено, на социјалните мрежи и Твитер се шират информации дека членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, се подготвуваат да одат пред Државната изборна комисија, за случајно да не има промена во резултатите.

Инаку, вчера Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ излезе да ги предупреди СДСМ „да не си игра со трпението на народот, бидејќи лесно може да прерасни во гнев”.

Сличен протест членовите на ВМРО-ДПМНЕ одржаа и пред Државната изборна комисија вечерта кога ги соопштуваше првчините изборни резултати. Додека членовите на комисијата го презентираа распоредот на мандати тие скандираа „Никој ништо не ти може Никола”.

Според ДИК, ВМРО-ДПМНЕ освоиле 51, а СДСМ 49 пратеници. Сепак, резултатите не се конечни и можна е прераспределба на мандатите, по 14-те доставени приговори до ДИК од СДСМ и албанската партија БЕСА.

Ирена Каревска

Поврзани новости