Битката за претседател на ЛК засега се води меѓу две лекарки, Нелоска дел од протестите за Заедничка Македонија

by Fokus

Повеќе од два месеци атмосферата во Лекарската комора врие, со оглед на тоа што речиси една година е истечен мандатот на актуелното раководство, кое на изборите што треба да се одржат за десетина дена води битка да смести свој кандидат во оваа здравствена институција, исто така близок до ВМРО-ДПМНЕ, информираат извори од таму.

За две недели треба да се одржат избори за ново раководство на комората, а во меѓувреме не поминува ден без кавги, тензии и напната атмосфера во просториите на ова лекарско здружение. Во крајно тензична атмосфера вчера се одвиваше и изборот на претседател на Собранието на Лекарската комора, кој и покрај сите опструкции, во последен момент беше избран Џабир Бајрами со вкупно 35 делегати. Тој нагласи дека политиката има вмешано прсти и во изборите во комората.

Веќе подолг период, лекарите се поделени на два табори. Едниот од нив го предводеше старото раководство на комората, на чело со потпретседателката Ленче Нелоска, чија цел, според нашите извори била да се самораспушти собранието со намера да се пролонгираат изборите. Таа веќе четири години е потпретседател на комората, а сега е можно да биде еден од кандидатите за претседателското столче. Но, тука не завршуваат нејзините функции. Нелоска истовремено е директор на Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ во Ѓорче Петров, како и член на Извршниот одбор на комората, чии имиња можат да се најдат на веб страната, а беше делегат и на конвецијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според фотографиите со кои располагаме, може да се забележи дека Нелоска е редовно на протестите на Иницијативата за Заедничка Македонија и на својот фејсбук профил има објавено две фотографии, едната со Богдан Илиевски, познат во јавноста како Бетмен Велит и другата со актерот Владо Јовановски, организатори на секојдневните протести и предводници на крвавите настани во Собранието на 27 април.

„Фокус“ веќе објави дека пред изборите на 11 декември, Геријатрискиот завод што го предводи беше вмешан во скандал, откако МВР обелодени дека лекарка-интернист издала 30 специјалистички извештаи за неподвижни лица, кои требало да гласаат во сабота, ден пред изборите, кога гласаат изнемоштените, болните и затворениците. Проблемот настанал откако се докажало дека лекарката направила фалсификат, односно издала извештаи со неточна дијагноза, поради што веќе неколку месеци МВР работи на расчистување на случајот. Дел од обвинувањата се дека лекарката тоа го направила по директива на диекторката, но истрагата ќе покаже што точно се случувало. „Фокус“ пред некое време ја контактираше Нелоска, која ни рече дека за случајот има предистражна постапка и до тогаш не може да друго да коментира.

Според нашите извори, за претседателското столче во комората ќе се бори и доктор Калина Старделова-Гривчева, гастроенхепатолог на скопската Клиника за гастроенхепатологија. Таа беше во првите борбени редови на штрајкот на лекарите во 2012 година против проектот плаќање по успешност.

Од понеделник тече рокот за поднесување на кандиатурите и се уште не се знае дали битката ќе се води помеѓу нив двете или ќе се пријават и други кандидати, со што во рок од две недели се очекува да има нов претседател на Лекарската комора.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости