Битката со криминалот ќе започне преку Белизе и „Градски стадион“?

by Фокус

Пишува: Кирил ЕФРЕМОВСКИ

Името на Катица Јанева и Специјалното јавно обвинителство се, но и допрва ќе бидат топ тема и еден од главените фокуси на јавноста. Дали поради нејзиното непојавување во Советот на јавните обвинители и на собраниската комисија надлежна за нејзината работа, или поради синоќешната оперативна акција на СЈО во просториите на Централниот регистар на Македонија, јавноста е, а и доправа ќе биде пресирана дури и за најмалите чекори кои ова обвинителството во идина ќе ги повлече. Впрочем, таквите акции штотуку започнаа.

Во услови на целосна општествена поделеност на леви и десни, политичка, социолошка и институционална криза и девастирање, многумина се надеваат дека Специјалното јавно обвинителство треба да биде еден вид на „нова месија“ спасителот која треба да ја спаси Македонија од поделбите и пропаст.

Други, пак, сметаат дека Јанева е таа која ќе стави крај на корупцијата и криминалот и убаво ќе им покаже на „клетата вмровска клика“. Не. Јанева и СЈО ниту можат да ја спречат пропаста на Македонија, ниту треба да апсат „клети вмровци“ по секоја цена за да се одмаздат, туку соодветно да истражат и утврдат факти и аргументи и спроведат соодветни правни постапки за сите оние што краделе, кршеле закон и Устав и злоупотребувале функции и позиции.

Затоа е сосема неприфатливо што Јанева, повикувајќи се на некакви штури образложенија, одбива да се појави пред соодветните државни органи и тела – какви и да се. Јавната обвинителка е должна да биде над ситуацијата на дневните партиски препукувања, да им оддолее на политичките провокации и сопки, какви што во една целосно партизирана држава е неминовно да има и се повеќе ќе има.

Првиот човек на Специјалното јавно обвинителство, меѓудругото и за да покаже уште еднаш дека не е’ никаква продолжена рака на Заев и СДСМ, треба да застане и пред собраниската говорница и во Советот на јавните обвинители и најотворено да им покаже дека работи по закон, а се наоѓа онаму каде што е бидејќи државата тоне во корупција и криминал, а правната држава и владеењето на правото стануваат само мислени именки.

Јанева и нејзината институција претставуваат еден вид супститут на редовното Јавно обвинителство токму поради неговата партизираност, нефукнционалност и потфрлањата во гонењето на организиралниот криминал  и корупција сиве години наназад, макар индициите за таквото кршење на законите и сомнежи за криминал да доаѓаат само од илјадниците прислушувани телефонски разговори.

И бидејќи освен правни тези и аргументи, на обраќањата на Специјалната јавна обвинителка се повеќе слушаме и политички квалификации, кои се прават поради повисока општествена цел, Јанева таквите свои трвдења треба да почне соодветно да ги аргументира како сите би ѝ поверувале.

Правото освен на норми почива и на определна традиција, а традицијата вели дека обвинителката треба да се појави пред институциите кои ја контролираат и надгледуваат нејзината работа и им го каже она што досега го сработила и го мисли за нив директно в очи. Дали институциите пред кои таа засега одбива да говори се нелегални, работа на обвинителката е да покаже на друг начин, а не преку изјави.

КЛОПЧЕТО ЗА КРИМИНАЛИТЕ ПОЧНА ДА СЕ ОДМОТУВА?

Сепак, од друга страна, следејќи го она што Јавена и обвинителите го прават во рамки на гонење на криминалот, за поздравување е што Специјалното јавно обвинителство  и покрај многуте опструкции, пречки и закани, со крајни напори успеава да ја врши работата заради кое постои, а сите ние го плаќаме.

Синоќешната акција на специјалното обвинителството во Централниот регистар на Македонија и опструкциите кои притоа ги имаше, уште еднаш покажуваат колку државата е узурпирана и корумпирана. Информациите за едномесечната некоопеативност и игнорањето на СЈО од страна на раководството на Централниот регистар, говори за големината и длабочината на спрегите, за заканите кои ги врши  владејачката партија кон државните институции.

Манипулативни, провидни и наивни се ставовите на провладините медиумски мегафони дека институциите соработувале со СЈО, а сепак Катица и понатаму дивеела и правела политички театар. Чуму тогаш барања судски наредби и налози, ако Централниот регистар законски постапувал и претходно давал податоци, бе пријатели?!

Стравот и паниката дека оној момент кога длабински и фактолошки ќе се навлезе во суштината на сопственичките структури и удели на определени правни субјекти формирани во и надвор од Македонија, во нивните приливи и трансфери на пари, ќе се утрвди како одредени фирми со 0 вработени годишно вртат по стотици илјади евра; како и зошто други фирми, блиски до власта по сопственчката структура, а без никаков бонитет добивале државни тендери тешки и по неколку милиони евра.

Клопчето за тоа: кој и како ја празнел државната каса и нашите џебови за да става во сопствените, почна да се размотува, а “прва станица“ се чини дека ќе бидат славното Белизе и „Градскиот стадион“. И во таквата вчерашна драма некои во крјност се сетија да се заштитат со “Burn Baby Burn”, но, за среќа доцна, а епилогот од акцијата наскоро ќе го гледаме сите.

 

Поврзани новости