Битиќи смирува: Грејната сезона ќе биде обезбедена за нашите граѓани во Скопје

by Fokus 21:20
21:20

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи е уверен дека проблем нема да има ниту во испораката на топлинска енергија во Градот Скопје.

– Според законот, операторот БЕГ е должен до избор на нов оператор да ги испорачува услугите кон граѓаните, независно што лиценцата им е одземена. Процедурата за избор на нов оператор е во тек и најверојатно многу брзо ќе биде објавен огласот и ќе се пријават сите заинтересирани дали Градски енергетски ресурси на Градот Скопје или некоја друга приватна или државна компанија. Грејната сезона ќе биде обезбедена за нашите граѓани во Скопје, нагласи Битиќи.

Тој во разговорот запрашан за актуелното прашање во врска со балансерот за вработување во јавниот сектор по однос на етничка припадност, истакна оти негов личен став е полека да се размислува дека можеби е дојдено време тој да се напушти и за влез во јавниот сектор да се одлучува преку мерит системот.

– Можеби е дојдено времето да се однесуваме европски и наместо да гледаме низ балансер да гледаме низ мерит систем за влегување во јавниот сектор, затоа што сите, на крај на денот, покажуваме со прст дали тие кои се во јавниот сектор обезбедуваат доволно услуги кон нашите граѓани. Ова е мој личен став независно од функцијата. Доаѓа време полека да видиме дали е дојдено времето по дваесет години од постоењето на балансерот, да влеземе во нова ера. Впрочем преговорите за ЕУ треба да бидат поттик за сите нас како носители најавни функции да зборуваме за мерит систем наспроти одредени проценти, вели Битиќи и додава дека за ова е уверен оти ќе се отвори дискусија со оглед на тоа што, меѓу другото, во Стратегијата за едно општество за сите донесена пред три години се зборува за постепено напуштање на балансерот. 

Поврзани новости