Битиќи: РКЕ и ЕВН хоум треба да се занимаваат со оние кои недозволено се префрлиле на регулираниот пазар на електрична енергија

by fokus

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и компанијата која ја испорачува електричната енергија – ЕВН хоум треба да се занимаваат со фирмите кои недозволено се префрлиле од отворен на регулиран пазар, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

– Има кој да ја обелодени листата на оние кои неправилно се префрлиле од отворен на регулиран пазар на електрична енергија и се ќе се случи во свое време. Ги повикавме сите надлежни органи да постапат како што треба по закон. Ако некој направил нешто што не е законски, се знае каде е одговорот. За жал, често се бараат одговори од мене лично и од извршната власт, но треба еднаш за секогаш да сфатиме дека извршната власт е поделена со другите власти и секој треба да го прави тоа што му е обврска и надлежност по закон, рече Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на Балканскиот економски форум во Скопје.

Училиштата и градинките, како што додаде, ќе останат на регулираниот пазар на електрична енергија се додека за тоа има одлука на Влада.

-Не сакаме да загрозиме ни една услуга кон граѓаните. Здравствените услуги и образовниот процес не може и не треба да запрат заради тоа што имаме неспособни институции, во случајов единиците на локалната самоуправа, кои не можат да им овозможат соодветно да ги испорачаат нивните услуги, особено кај образованието. Рековме одлуката е до крај на април идната година да бидат на регулираниот пазар со одредени фиксни цени на електричната енергија, а после тоа треба да се вратат на слободен пазар доколку состојбите се подобрат, нагласи Битиќи.

Најави дека во март идната година, Владата ќе одлучи што ќе се прави после април, бидејќи, како што кажа, одредена извесност за тоа што ќе се случува има само до април.

Поврзани новости