Битиќи: Можеме да бидеме енергетски хаб на Балканот

by fokus

Преку развој на енергетскиот сектор земјава многу брзо може да прерасне во енергетски хаб на Балканот. Тоа е возможно преку диверзификација на изворите на енергија, односно создавање алтернативни и еколошки извори на енергија со кои нашата економија ќе ја подобри својата конкурентност но и трајно ќе го реши проблемот со енергетското загадување, смета вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

При своето гостување во емисијата „Економски магазин“ на Алсат телевизија Битиќи ја истакна важноста на сопственичкото учество на нашата земја во Александропулос гас терминалот, со што, како што рече, ќе создаде нова енергетска перспектива и можности за замена на старите нееколошки извори на енергија.

-Нас ни е потребна зелена, еколошка енергија за чие производство не се користат горива кои загадуваат, како и постепено намалување на изворите на енергија кои се загадувачи, посочи Битиќи.

Вицепремиерот ја истакна и важноста на Коридорот 8 и железничкото поврзување со Бугарија и со Албанија како евтин алтернативен транспорт, кој значително ќе ја подобри конкурентноста на македонските компании, кои сега користат алтернативен авионски или бродски транспорт кој е многу поскап.

-Нашата иднина е во развојот на човечките ресурси, подобрување на транспортната инфраструктура и во развивањето на алтернативни зелени извори на енергија. Само така можеме да креираме дополнителна вредност и да има долгорочен одржлив развој, потенцира Битиќи.

Поврзани новости