Битанга од фаланга

by fokus

Сѐ додека постои власт која е нетранспарентнa, неодговорна и неотчетна ќе постои и треба, понекоја битанга од фаланга 

Звонко Давидовиќ

Црна лимузина со затемнети стакла со тетовска таблица престигнува цела колона возила, кои стрпливо чекаат на семафорот пред судска палата и се уфрла десно до првото возило на семафорот со очигледна намера да ја пресече целата колона возила кога ќе се запали зелено светло. Се пали зелено, возилата не го пуштаат да помине, а тој изнервиран оди во трета лента и од лево со полна брзина се уфрла пред возилата. Намерно сечејќи им го патот на првите возила ја загрозува безбедноста на сите бидејќи возилата бегаат лево и десно за да избегнат судар. Тоа го прави неколку пати и врти десно кон МВР и се паркира пред зграда.

Од возилото излегува млад човек и влегувајќи во зградата се поздравува со неколку полицајци, обраќајќи им се со колега. Очигледно една од битангите од МВР со пиштол, службено возило, полициски овластувања, без воспитување и образование, еден од недоделканите кого ветингот во МВР не го закачил, случајно или намерно, којзнае.

ПАРАЗИТИ ЗАЛЕПЕНИ НА ВЛАСТА

Внатре, во зградата на Mакедонската радио-телевизија, пред шалтерите на Министерството за внатрешни работи, вистински митинг. Едни чекаат за пасоши, други за лични карти и возачки дозволи, трети за изводи од родени, умрени, секој со својата мака и потреба. Свиткани луѓето пред шалтерот, додворувачки му се обраќаат на „големецот“ позади шалтерот, кој без трпение и култура, нервозно и некултурно со викање им одговара „не е готово“ или „од кај да знам, кога ќе биде готово“, или им ги фрла документите со зборовите „не ти се комплет“.

Сево ова ме потсетува на зборовите на Матија Беќковиќ, кој рекол – „Никаде човекот не е толку мал како пред шалтер и никаде луѓето не се поголеми, отколку позади него.

Речиси на сите шалтери, иста ситуација на големи и мали луѓе, или оние залутаните примени по клучот на Бадинтер или партиска книшка. Уште битанги со власт и овластувања без воспитување и култура, без образование, а со огромна психопатска желба за моќ и со партиска книшка во џеб како одговор и амајлија за сите проблеми и желби.

Таквите битанги се секогаш тесно припиени, прилепени до оние на власта и во една симбиотичка хармонија паразитски го цицаат општеството, ползувајќи ги своите интереси.

Своето психопатско его го полнат со агресивна манифестација на моќ позади која стои партијата што го вработила. Тоа се типови кои се обезбедување и тепачи, пред и во време на избори, а се возачи, телохранители, административни потрчковци во време на ползување на власта.

 НАД БИТАНГАТА ИМА ПОГОЛЕМА БИТАНГА

Тие битанги секогаш имаат битанга на уште поголема позиција, која ќе го заштити, ќе го оправда и направи недопирлив. Тоа се човечки креатури кои ги извршуваат највалканите работи за оние кои ги штитат, а за возврат им се прогледува низ прсти, кога за свој ќеф или ќар, ќе рекетира некого, ќе прошверцува ситно количество дрога, неколку парчиња оружје или насилнички ќе наплати долг.

Со текот на времето од таа редица, таа фаланга на битанги, почнуваат да се издвојуваат неколкумина најзабегани, кои мислат дека им е дозволено сѐ, дека се доволно моќни да го окрупнат својот валкан бизнис и да ја манифестираат јавно моќта. Но, тогаш, почнуваат да го загрозуваат валканиот бизнис на уште поголемата битанга, која ги штити и завршуваат многу бргу со прострелна рана како резултат на самоубиство од заседа, или во некој од судските предмети.

Оние, пак, послушни битанги отвараат ситни бизниси за ситни тендерчиња за ситни државни пари, кои не им се интересни на големите. Службеното возило им е како приватно и е на располагање 24 часа, бензинот на државна сметка, а куќата брзо изградена од валканиот  бизнис. Пилјара, кафеана, теретана, шпедиција или некој друг бизнис сместен во државни простории добиени по багателна цена. Купените или фалсификуваните дипломи им се признаваат во институцијата во која работат и полека, но сигурно напредуваат по неколку скалила.

Таквите битанги не се подложни и опфатени со ветинг, таквите се недопирливи и неодговараат пред внатрешната контрола и законот, секогаш се во сенка и многу поблиску до подземјето. Впрочем, тие и се спона помеѓу подземјето и власта.

Сѐ додека постои власт која е нетранспарентнa, неодговорна и неотчетна, ќе постои и треба понекоја битанга од фаланга.

Поврзани новости