Бислимоски: Не е логично компанија на која и е намален трошокот за набавка на енергија да се жали и да бара тој трошок да биде повисок

by Fokus

Никаде во светот цената на топлинската енергија произведена од когенеративна постројка во која се произведува топлинска и електрична енергија и има ефикасност од над 90 проценти не е иста со цената на топлинската енергија произведена во едногенеративна постројка, односно котел кој произведува само топлинска енергија и има ефикасност од 35 до 36 проценти, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Тој посочи дека БЕГ дистрибуција ја обжали последната одлука што ја донесе РКЕ за вршење на дејноста дистрибуција на топлинска енергија која е базирана на тој принцип и побара времена мерка и најави дека до утре ќе го достават својот одговор до Управниот суд.

-Ова е прв и единствен случај не само во нашата држава, туку и насекаде во светот компанија на која и е намален трошокот за набавка на енергија да се жали и да бара тој трошок да биде повисок, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.

Со одлуката на РКЕ на БЕГ дистрибуција, прецизира, е утврдено за 15 проценти да и биде пониска цената на топлинската енергија што ја откупува од когенеративната постројка ТЕ-ТО од цената за топлинската енергија што ја произведува БЕГ производство со едногенеративните постројки. Со одлуката цената по која БЕГ дистрибуција ја откупува топлинската енергија од ТЕ-ТО е пониска во 2018 година за 0,28 денари, а во 2019 година за 0,3 денари. При определувањето на цената, потенцира, се користени искуства од Германија, како и експертизи и совети од Машинскиот факултет во Скопје.

-Тоа првпат го применивме во оваа одлука. Во минатото БЕГ дистрибуција откупувал од ТЕ-ТО топлинска енергија која била за 0,02 денара за киловат час поевтина од цената на топлинската енергија која ја произведувале едногенеративните постројки на БЕГ производство. Ова што сега го бара БЕГ дистрибуција се коси со секоја економска логика и со целокупната наука. Според нивната логика, треба цената на топлинската енергија произведена од когенеративни постројки кои имаат многу поголема ефикасност да биде иста како и цената произведена од едногенеративни постројки, појасни Бислимоски.

Прецизира дека секаде во светот се градат когенеративни постројки бидејќи имаат висока ефикасност и покрај од производство на топлинска енергија имаат и приходи од производство на електрична енергија.

-Не успеав да разберам како бара БЕГ дистрибуција да има исти трошоци за топлинска енергија произведена од едногенеративни постројки, како и од когенеративни. Ваков раритетен случај досега немам видено. Има сериозно мешање на регулираниот бизнис, односно дистрибуција на топлинска енергија, со нерегулираниот бизнис – производство на топлинска енергија од ТЕ-ТО. Доколку се анализираат нивните тековни состојби ќе се види дека основачот на БЕГ дистрибуција – БЕГ АД и ТЕ-ТО АД Скопје имаат иста адреса. Не можеме да дозволиме и да оставиме нерегулирани производители сами да си определуваат цена во моменти кога немаме други когенеративни постројки, рече Бислимоски.

Со одлуката за намалување на цената на топлинската енергија што се откупува од ТЕ-ТО, потенцира, ние никого не оштетивме, туку дадовме јасна предвидливост како да работи ТЕ-ТО и како да работи БЕГ дистрибуција.

Порача дека ниту се плаши, ниту, пак, во иднина ќе се плаши од заканите со кривични пријави кон РКЕ кои произлегуваат од тужбата од БЕГ дистрибуција.

-Претпоставувам дека сите притисоци произлегуваат од она што ќе се случува наредниот период во однос на издавањето на лиценцата за Градски енергетски системи. Во оваа постапка РКЕ ќе работи во согласност со Законот за енергетика и во согласност со сите правилници кои ги имаме донесено. На ниту еден начин нема да дозволиме да ги прекршиме постапките и процедурите и да оштетиме која било компанија, потенцира Бислимоски.

Извор: МИА

Поврзани новости