Билјана Јовановска пак ќе седне на директорското столче во Агенцијата за вработување

by Фокус

Претседателката на Партијата за економски промени 21, Билјана Јовановска, ќе биде старо-нова директорка на Агенцијата за вработување.

Иако се уште актуелниот директор Влатко Поповски вели дека се уште не добил официјална владина одлука за негово разрешување, Јовановска ја потврди информацијата на Фокус дека ќе го замени Поповски на директорското столче во АВРМ.

Инаку, таа ја извршуваше оваа функција за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2007 до 2010 година, кога беше разрешена со образложение дека покажала незадоволителни резултати.

Наспроти тоа, пак, Јовановска обвинуваше дека на тој начин била казнета бидејќи, според неа, одбила да биде послушник на Никола Груевски, кого подоцна жестоко го критикуваше.

Како и да е, таа подоцна премина во Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски, па дури ја предводеше пратеничката листа на ОМ на парламентарните избори во 2011 година во првата изборна единица.

Набрзо по изборите, таа премина во ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски, но и од оваа партија и замина и ја формираше ПЕП 21, која за време на политичката криза стапи во сојузот на СДСМ и Зоран Заев.

Поврзани новости