Билјана Ѓошева: „Македонски идол“ ми беше отскочна штица, сега сум „уличен изведувач“ затоа што живеам за музиката!

by Fokus 12:55
12:55

Билјана Ѓошева за првпат и стана позната на македонската јавноста уште пред 10 години, кога зеде учество во првото реално музичко шоу „Македонски идол“. После учеството во ова шоу, таа беше дел од Тумбао салса бенд, но и беше вклучена во неколку музички проекти.

Сега, во време на пандемија, Ѓошева настапува како уличен артист на плоштадот Македонија во Скопје, а во разговор за „Фокус“ ни раскажа што се случувало за време, но и после „Македонски идол“ во нејзиниот живот.

- Advertisements -

За мене учеството во „Македонски идол“ беше убаво, но и по малку стресно искуство бидејќи ми беше прво појавување на сцена и со секоја нова гала вечер ми беше јасно дека тремата едноставно не исчезнува. Фактот дека ме има на ТВ екраните во живо и ме гледа македонската јавност дополнително ме правеше нервозна на некој начин. А велат кога чувствуваш таква трема, всушност свесно веќе си ја преземал одговорноста во свои раце и сфаќаш колку сериозен чекор правиш. Мене навистина ,,Македонски идол“ ми ги отвори вратите кон патот по кој се движам денес“, го започна разговорот Ѓошева.

После учество на таков настан, младите пејачи учат многу важни лекции, а така бил случајот и со нашата соговорничка.

Таму треба да го дадеш својот максимум без разлика на условите со кои се соочуваш во моментот и освен пејачка, да бидам и добар забавувач, да успеам да го насочам вниманието на публиката кон себе на свој автентичен начин за да бидам запаметена. Секако не ја исклучувам и самодовербата која треба да биде главен адут на секој што се занимава со јавна професија“, додава таа.

Дружењата и контактите со учесниците додека била дел од тоа шоу биле интензивни, но со тек на време, секој си се насочил кон животните интереси.

Не можам да кажам дека имам постојан контакт со некого, пробувам да најдам реална причина за тоа и едноставно заклучив дека динамиката на нашите животи си го направи своето. Секој од нас е веќе оддамна посветен кон остварување на своите цели (реализирање семејство, напредок во кариерата, итн) или дури со некои други активности кои не се поврзани со музика. Во годината пред пандемијата имавме заеднички настапи со  Денис Мурат. Веројатно за да го одржуваме контактот со учесниците, сепак потребно е да не спои музиката“, смета пејачката.

После Идолот, Ѓошева беше прв вокал во Тумбао салса бенд и со големи импресии зборува за времето поминато со овој музички состав. Оваа група свиреше латино песни, но и македонски песни преработени во кубански стил.

Сосема природно се вклопив во тој жанр, бидејќи јас сум фан на латино музиката како и боса нова и самба стиловите и кога дојде време да ја изведувам таа музика бев пресреќна. Реакцијата на публиката секогаш беше воодушевувачка, па постојано слушав коментари како јас умеам да се носам со тоа. Кога ги правиш нештата со љубов всушност го живееш тоа. Минувачите освен по „Македонски идол“ често ме препознаваат токму и по тие преработки па знаат и да ми запеат по некој рефрен: Среќата со пари не се купува, Фато мори душманке…. Имавме навистина интересни доживувања и дружби со Тумбао салса бенд, многубројни настапи кои ќе ги паметам долго. Тоа училиште не се заборава“, појаснува Ѓошева.

Повеќе од една година музичарите „кубурат“ со настапи низ Македонија, поради состојбата со корона вирусот, што ја прави естрадата револтирана. Како што додава нашата соговорничка, верува дека наскоро ќе се најде решение за овој погоден сектор.

Корона вирусот направи навистина големи промени за сите нас кои живееме на планетата земја бидејќи оваа пандемија се случува на глобално ниво, но како најпогодени од целата ситуација во моментот се музичарите на кои се уште не им е дадена можноста за работа. Би сакала да останам позитивна (по ова прашање) дека што побрзо ќе се најде соодветно решение и ќе имаме можност повторно да се вратиме таму каде што припаѓаме“, додава таа.

Постојаното седење дома поради рестрикциите, знае лошо да влијае врз музичарите, немајќи каде да ја искористат својата креативност. Но, оваа пејачка ги направила сите недостижни работи во време на корона вирусот.

Овој период барем за мене значеше едно будење на сопствената суштина. Направив работи кои пред пандемијата ми биле само на ум и далечни за реализација поради брзиот начин на живот и лошите организациски вештини кои сега успевам да ги координирам благодарение на седењето дома. Имам време за себе и за обврските во секојдневието“, раскажува оваа пејачка.

Сега Ѓошева настапува како уличен артист на плоштадот Македонија во Скопје. Вели дека и недостасувало пеењето и овој чекор одамна сакала да го направи.

Одлуката ја донесов сама бидејќи не гледав друго решение кое би ги задоволило потребите кои ги имам како некој што не само што живее од музика туку и живее за музика. Јас сум во овие води веќе 10 та година па едноставно пеењето ми прерасна во една дневна активност и рутина. Одамна сакав да го направам тој чекор бидејќи веќе ја имав почувствувано таа енергија на„ улично изведување“ во Солун со локални музичари па така многу лесно се охрабрив да го направам тоа и овде, но секако главната причина за тоа е оваа ситуација во која јас го пронајдов својот начин. Многу ме радува фактот дека минувачите го поздравуваат овој потег, нивните реакции се прекрасни и постојано добивам комплименти, па во оваа прилика сакам да им се заблагодарам за тоа. Навистина е добро кога ќе слушнете дека за момент на некого сте му го направиле денот поубав“, го заврши разговорот Ѓошева.

Фото – Тоше Трајчев

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости