Билјана Дебарлиева: Убава и спокојна, дури и кога е лута!

by Фокус 12:56
12:56

Со неа многумина долго време го почнуваа денот. Мајките ги поучуваше како да се справат со своите бебиња благодарение на препознатливиот „Бебе магазин“. На вести секогаш изгледа убаво. Во последниов период ве советува како да се грижите за своето здравје во емисијата „Визита“. Правник по професија, сака убави песни, но и свири на клавир. Денеска во една поинаква улога ви ја претставуваме преубавата дама од телевизиските екрани, Билјана Дебарлиева. Со нејзиниот помлад син Мики направивме убава обиколка низ Скопје Сити Мол одбирајќи го неопходното за почетокот на новата учебна година, но и ја вративме малку на нејзините училишни денови.

Билјана е мајка на две прекрасни деца. Поголемата Ана е студентка, која успешно ја заврши првата година на Економскиот факултет и е помлада копија на мајка си. Помалиот син Мики од оваа есен ќе биде 4-то одделение. Тој во друштво на неговата мајка денес го одбираше сето она што ќе му биде неопходно за новиот почеток на учебната година во Скопје Сити Мол, каде што деновиве е актуелна промоцијата „Бек ту скул“. Враќањето во училишните клупи е секогаш интересно. Уживавме и ние во друштво на Билјана и Мики.

- Advertising -

ФОКУС: Мајка на Ана и Миле. Ана е веќе голема. Но, Миле веќе од септември мора да се врати на предизвикот со кој се борат сите дечиња, враќање во училишните клупи. Каква е Билјана како мајка?

ДЕБАРЛИЕВА: Велат дека родителството и воспитувањето на децата е најтешката професија на човекот што трае цел живот. Никогаш нема да си сигурен дали си го направил најдоброто за своето дете. Во секој случај и со Ана и со Миле имам изградено другарски однос, кој подразбира попустливост и разбирање од моја страна, но и почит од нивна.

ФОКУС: Како се подготвувате за новата учебна година? Дали ги направивте сите потребни подготовки?

ДЕБАРЛИЕВА: Разликата меѓу нив е голема. Ана почнува втора година на Економскиот факултет, а Миле е петто одделение. Летниот распуст заврши и сега повеќе психички се подготвуваме дека почнува новата учебна година, нови предмети и враќање кон вообичаените училишни активности.

Мики е љубопитно момче кое точно знае што сака. Барем таков беше нашиот впечаток. Си одбра убава фотелја во Скопје Сити Мол, во која комотно се смести. Екипата на „Лотус“ има навистина интересни фотелји кои се прилагодливи за секоја положба, удобни и вклопливи за секоја детска соба, а најинтересно е што овој период се на промоција со попуст од 50 проценти.

Мики личи на мајка си, иако претходно повеќе наликувал на татко, му ни откри Билјана.

ФОКУС: Каков е Миле како ученик?

ДЕБАРЛИЕВА: Тој е одличен ученик, самостоен, сам си ги завршува училишните обврски, а бара помош само кога му е нешто нејасно. Многу е музикален, постојано пее, ама не го занемарува ниту спортот. Многу ми е драго што поголемиот дел од денот го поминува надвор, окупиран со детските игри, нешто што во денешно време, за жал, многу деца и не го практикуваат.

ФОКУС: Кој е неговиот омилен предмет на училиште?

ДЕБАРЛИЕВА: Македонски јазик и општество. Сака и да црта, ама, сепак, мислам дека музиката му е на прво место.

ФОКУС: Ќе се обидеме и вас да ве вратиме во детството. Па, каква беше Билјана како ученик? Кои се миговите од училишните денови на кои со задоволство се сеќавате?

ДЕБАРЛИЕВА: Бев одлична ученичка и во основно и во средно, сама си ги завршував обврските, доаѓав дома од училиште и веднаш почнував да учам за следниот ден. Во мое време и немавме некоја друга занимација, освен детската игра надвор и учењето. Тогаш имаше и многу поголема одговорност за училиштето и почит кон наставниците. Како велат, секое време си носи нешто ново и поинакво од претходното.

ФОКУС: Која беше вашата прва учителка? Дали беше строга? Што научивте од неа?

ДЕБАРЛИЕВА: Во основно одев во целодневна настава и имав среќа да имам две прекрасни учителки Живка и Васка, од кои научив многу. Здравата основа и навиките што ќе ги стекнеш од прво до петто одделение многу помагаат понатаму само да го надградуваш своето знаење. Беа строги кога беше потребно, ама тоа значеше и поголема почит кон нив.

Додека евоциравме спомени, ја погледнавме и понудата за новите училишни денови во книжарницата „Просветно дело“ во Скопје Сити Мол. Разгледувавме ранци, тетратки, прибор и, секако, лектири.

ФОКУС: Кој беше вашиот омилен предмет од училиште?

ДЕБАРЛИЕВА: Македонски јазик, дефинитивно. Многу сакав да читам, дури и кога ќе ги прочитав сите лектири почнував да читам нешто друго. Се сеќавам дека во основно ги прочитав „Ана Каренина“ и „Војна и мир“ од Толстој. Не знам колку тогаш сум ја разбрала содржината, ама ги читав зашто не можев без тоа.

ФОКУС: Која беше вашата омилена лектира?

ДЕБАРЛИЕВА: „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Кога во средно ја имавме за писмена, мојата професорка по македонски јазик- Славка Арсова ме пофали дека сум ја направила најдобрата обработка на едно дело. Ете тоа ми е останато во убаво сеќавање од тој период, а книгата повторно би ја читала и денес.

ФОКУС: Постојат ли некои совети кои ги практикуваа вашите родители за вас во текот на учебната година, а вие ги репризирате за вашите деца?

ДЕБАРЛИЕВА: Да, она што можам да го завршам денес, да не го оставам за утре.

На 21 година, својата кариера ја почна на МТВ, прво како најавувачка, а потоа и како дел од екипа на утринската програма на оваа телевизија. Во оваа телевизија имавме можност да ја видиме и во улога на презентер на „Крстозбор“. Во 2005 година донесува одлука да замине во А1 телевизија, каде што е дел од утринската програма „Раноден“. Тука гледачите ја препознаа и како презентер на Вести, но и на магазинот за мајки „Бебе магазин“. По затворањето на А1 телевизија, својата кариера ја продолжува на Канал 5 во вестите и претпладневната емисија специјализирана за теми од здравството, „Визита“.

ФОКУС: Благодарение на вашите проекти на телевизискиот екран, многумина токму со вас го почнуваа денот. Дали сте ранобудник или раното будење ви е обврска со која се обидувате да се справите?

ДЕБАРЛИЕВА: Најголемиот дел од проектите што досега сум ги работела на телевизија беа поврзани со раното станување. Утринската програма во МТВ, Раноден во А1 ТВ, утринските вести и „Визита“ во Канал 5. Ако порано сум била голема спанка, работата ме натера раното станување да го сфатам како дел од својата професија. Во сето тоа ја видов и позитивната страна, а тоа е кога рано го почнуваш денот, имаш време за сѐ. Морам да признаам дека викендите ми се период кога понекогаш си дозволувам и да поспијам повеќе.

ФОКУС: Тешко ли е човек од утро да изгледа убаво?

ДЕБАРЛИЕВА: Не е тешко кога знаеш дека твојата насмевка наутро треба да им ја пренесеш на гледачите. Тоа е веќе мој секојдневен утрински ритуал. Не е само облеката и шминката, туку, пред сѐ, и позитивната мисла со која јас го почнувам утрото, а тоа би сакала да им го пренесам и на гледачите.

ФОКУС: Вашата кариера на телевизија ја стартувавте со МТВ, некаде на 21 година. Кои се работите што ги понесовте во својот професионален куфер кога заминавте од таму?

ДЕБАРЛИЕВА: Да, на 21 година сосема случајно почнав да работам во МТВ, на почетокот од хоби и од забава, за бргу потоа сето тоа да стане и моја професионална определба. Уште од самиот почеток многу учев од повозрасните и од поискусните, ја прифаќав секоја сугестија и критика зашто знаев дека само така со текот на времето можам да станам добар и искусен водител. Таму ги научив тајните на водителството, ама зашто сакав и имав од кого да учам.

ФОКУС: Што најмногу ве потсетува на медиумот што згасна, А1 телевизија?

ДЕБАРЛИЕВА: Во А1 ТВ поминав 6 години кои ме потсетуваат само на убави и позитивни моменти. Таму ја стекнав најголемата популарност. Ако од периодот на МТВ асоцијацијата на гледачите за мене им е квизот ТВ Крстозбор, тогаш од периодот на А1 тоа дефинитивно е „Бебе магазин“.

ФОКУС: Во моментов сте дел од екипата на Канал 5. Тешко ли е да се прилагоди човек на повеќе медиуми?

ДЕБАРЛИЕВА: Во изминативе три години сум дел од екипата на Канал 5, каде што, покрај вестите, во моментов сум ангажирана и со емисијата за здравство „Визита“. Лесно се прилагодувам на секоја ситуација во животот, па така е и кога станува збор за мојата професија.

ФОКУС: На екраните предизвикувате со вашиот спокој. Каква е всушност Билјана надвор од телевизиските екрани?

ДЕБАРЛИЕВА: Иста, спокојна и смирена како и на малите екрани. Дури и кога сум лута, самата чувствувам дека и во тоа имам доза на смиреност. За жал, тоа понекогаш и не ми оди во прилог, ама карактерот допрва не можам да го менувам.

ФОКУС: Имавте можност да водите еден интересен проект „Бебе магазин“. Колку концептот кој таму се пласираше, го практикувавте и дома?

ДЕБАРЛИЕВА: Паралелно со емисијата и јас многу учев за растењето на детето. Миле тогаш имаше неполни две години и многу од советите на докторите што гостуваа во „Бебе магазин“ ми помогнаа и мене лично, во смисла, како најдобро да се грижиш за здравјето на детето и за неговиот правилен раст и развој.

Билјана модните критичари ја доживуваат како телевизиски лик кој секогаш изгледа прекрасно, без разлика дали е на екранот или надвор од него. За нејзиниот имиџ задолжена е екипата од „Бела“, каде што овие денови се актуелни последните распродажби.

ФОКУС: Вие сте еден од ликовите кои има одличен изглед на екран. Што не трпи телевизискиот екран како имиџ?

ДЕБАРЛИЕВА: Јас повеќе би рекла што сакаат гледачите. Скромност, смиреност, течна мисла, ненападен, пристоен и убав изглед. Тоа е она што јас го практикувам веќе 21 година на малите екрани.

ФОКУС: Кои беа вашите учители на кои го прикачивте вашето усовршување на медиумите?

ДЕБАРЛИЕВА: Спикерите Лиле Крстева и Благоја Крстевски. Многу научив од нив и благодарна сум им за секоја добронамерна критика од нивна страна.

ФОКУС: Студиравте право. Посакувате ли понекогаш да бидете адвокат?

ДЕБАРЛИЕВА: Мислам не. Медиумот ќе остане моја професионална определба.

ФОКУС: За крај, кога повторно на централните вести?

ДЕБАРЛИЕВА: Тоа не зависи од мене, ама моменталниот ангажман со емисијата за здравство „Визита“ ми е поголем предизвик зашто тука имам поголема креативност, оставам свој личен печат и што е најважно повеќе се грижам за сопственото и за здравјето на моето семејство.

Нашата прошетка во Скопје Сити Мол со Дебарлиева и со нејзиниот син Мики ја заокруживме со десерт во кафулето „Тренд“.

Поврзани новости