Бил и Мелинда Гејтс се разведуваат – немаат предбрачен договор, богатството ќе се дели на половина

by Fokus

После 27 години брак, Бил и Мелинда Гејтс ѝ соопштија на јавноста дека се разведуваат. Не е позната точната причина за оваа одлука, според изворите разводот најверојатно ќе помине мирно, а парот нема направено предбрачен договор и веројатно ќе го делат богатството на половина. Сепак, тие ќе продолжат да соработуваат за нивната заедничка фондација.

На нивните Твитер профили, 64-годишниот Бил Гејтс и 56-годишната Мелинда изјавија дека се разведуваат. Тие не ја открија точната причина за нивниот развод, но наводно во барањето за развод го опишале нивниот брак како „скршен“.

-После многу размислување и многу работа на нашата врска, донесовме одлука да му ставиме крај на нашиот брак. Изминаиве 27 години одгледавме три неверојатни деца и изградивме фондација која работи низ целиот свет за да им овозможи на луѓето да водат здрави и продуктивни животи. Ќе продолжиме да ги делиме нашите верувања за таа мисија и ќе ја продолжиме заедничката работа во фондацијата, но сметаме дека не можеме да созреваме како пар во следната фаза од нашите животи. Бараме простор и приватност за нашето семејство како што почнуваме да го живееме овој нов живот, пишува во нивните објави.

Не е познато кога точно парот поднел барање за развод, а немаат потпишано ни предбрачен договор. Според изворите, Мелинда не барала никаква финансиска поддршка од Бил, кој денес е четвртиот најбогат човек во светот и најверојатно разводот ќе помине мирно, без судење.

Сепак, тие имале направено некаков договор во случај да се разделат, кој е фокусиран на нивните деца и според кој, наводно, нивните деца нема да наследат ништо. Всушност, за парот е познато дека ги учи децата на скромност уште од најрана возраст и ги мотивира самите да си го пронајдат патот во животот.

Исто така, во овој договор било наведено и како ќе го поделат заедничкиот имот, но не се познати детали, освен претпоставки дека ќе го делат богатството од околу 130 милијарди долари на половина.

Бил и Мелинда се дел од The Giving Pledge – организација што ја сочинуваат најбогатите луѓе во светот кои се заколнале дека најмалку половина од нивното богатство ќе оди во добротворни цели.

Во 2000 година тие заедно ја основаа фондацијата Бил и Мелинда Гејтс – моментално највлијателната приватна фондација преку која имаат донирано речиси 50 милијарди долари. Само за пандемијата, преку фондацијата тие донираа 1,75 милијарди долари и се фокусираа на развојот и дистрибуцијата на вакцини ширум светот.

Фондацијата генерално им помага на луѓето од некои од најсиромашните држави во светот со инвестиции за намалување на ширењето на маларија и ХИВ/СИДА, како и со инвестиции за изградба на системи за канализација во местата каде што нема. Според објавата на Твитер, тие ќе ја продолжат заедничката соработка во фондацијата.

Бил и Мелинда се запознаа во 1987 година, кога Мелинда работеше во Microsoft. Мелинда откри и како изгледала целата ситуација во нејзината автобриографија од 2019-та:

„Доцнев на работа и на сите маси имаше луѓе освен на една. На таа маса имаше две столчиња едно до друго, па јас седнав на едното. Неколку минути подоцна пристигна и Бил, па седна на другото“.

Набрзо тие почнаа врска, а една година подоцна, Бил почнал да размислува за брак, па дури направил и листа од предности и недостатоци од стапувањето во брак.

„Се грижевме многу еден за друг и имаше само две можности: или ќе раскинеме, или ќе стапиме во брак“, изјави милијардерот во интервју за документарец за неговиот живот.

Тие сфатиле дека бракот е вистинската одлука за нив, па се венчаа на еден хавајски остров во 1994 година. Две години подоцна го добија првото дете – ќерката Џенифер. Подоцна парот доби уште две деца, ќерката Фиби и синот Рори.

Бил и Мелинда добро ја чуваат приватноста на нивните деца, а никогаш не откриваат детали ни за нивниот заеднички живот. Сепак, пред две години Мелинда откри дека неретко на Бил му е тешко да направи рамнотежа помеѓу работата и семејството.

„Веќе сме во периоди од нашите животи каде јас и Бил можеме да се смееме за повеќе нешта. А, верувајте ми дека имаше денови кога ни беше толку тешко во бракот, што се прашував дали можам да продолжам понатаму“, изјави таа.

Бил од друга страна, речиси и да нема споделено ништо во врска со бракот и во интервјуата обично зборува за професионалниот живот и филантропијата.

 

Поврзани новости