Бикини статистика и цифросапиенси

by Fokus

Пишува: Тања АЛЕКСИЌ

Ако живееме според правилото „повеќе е подобро“, од секојдневието може да направиме  бројчаник, од себе цифросапиенс, чие животно мото би било ,,од милиметри до милиони“ уживајќи во пребројувањето на парите, баш како Дизниевиот јунак Баја Патак. Така, катадневно ќе џогираме со цифри премерувајќи го и немерливото.

Премерувањето станува преокупација дури и кога треба да се премери интензитетот на љубовта, што е невозможно, сѐ уше никој нема патентирано љубометар, но статистиката е како бикини – го покрива токму тоа што би сакале да го видиме.

Секогаш можете да најдете статистички податоци, нивното поклопување е секогаш различно, но кој би се занимавал со прецизни бројки, секако, ако не се во прашање броење пари.

Така, некаде ќе прочитаме дека во просек живееме 687.660 часа, за тоа време може да испиеме 17.908 пати пиво, да изедеме 4,5 крави и да сркнеме 74.802 шолји кафе. По таква просечна консумација, би потрошиле 4.239 ролни тоалетна хартија и би пролеале 60 литри солзи.

Некој ќе се занимава и со пребројување на помалку или повеќе поважни нешта во својот живот, како броење фб-лајкови и пријатели, партнери, собрани предмети од кои се прават колекции или фетиши, броење улици, автобуски станици, коли на паркинг, скали…

Нумерологијата од родителите прави премерувачи што се занимаваат колку грама млеко пијат нивните бебиња, колку пати ждригнале, со колку дипломи и пофалници се закитиле нивните деца и слично.

Е, кога децата ќе пораснат во опсесивни луѓе, почнуваат премерувањата на должината на половиот орган, обем на гради, висина, тежина и друг бмс индекс показатели, мерни единици ботокси и силикони, број на оргазми и нивна минутажа, Гинисови рекорди во најдолги бакнежи…

Ако сме кројачи на својата среќа, тогаш тоа што може да го премериме во текот на животот е дека не ни требаат мерки и пребројувања! Освен за релевантни нешта на глобално ниво, како на пример попис. Да, на Македонија многу ѝ треба попис, да се преброиме колку (за)останавме пред да се изгасат рефлекторите на сцена.

Додека не се попишеме и продолжиме со играта „Отпишаните“, може да продолжиме со дефокусирањето на јавноста со разно-заразни статистики од типот, колку момчиња колку девојчиња брои класот, вклопување на децата со висина и тежина во бројниот систем според стандарди, (кои ако се поклопуваат со просекот,  родителот е  успешен), а понатаму продолжува со оценките во свидетелства и нивната фамозна (читај фатална) објективност.

Максимата „повеќе е подобро“ ќе прејде од трговијата во интимноста на цифросапиенсите, кои ќе ликуваат со бројот на партнери во текот на својот возбудлив сексуален живот. Секако, бројот на партнерки треба да се поклопи со максимата „повеќе-подобро“, за разлика од бројот на партнери,(споредбата е за стрејт врски).

Народски или балкански „тој е фраер ако имал над 50 жени низ животот, а таа е ф….а, ако имала над 10 мажи. Како последица, сите мамат со бројчаникот, жените си ги ,,одземаат“ броевите од бројчаникот, а мажите додаваат, како впрочем и сантиметрите при ерекција.

Но, не баш сите, сѐ уште има по некој што не почнал со пребројување и доволно му е еден (една) евентуално две (двајца). И така со феноменот бикини-статистика броиме зборови, предмети, врски, а луѓе само при раѓање и умирање. Попис? Во некоја друга (не)прилика…

Поврзани новости