Безобѕирно управување во погрешна насока

by Fokus

Постапувањето под притисок на јавноста е несоодветно, помалку популистичко и покажува недоволно познавање на правниот систем, но воедно покажува дека состојбите не се анализирани, причините не се детектирани, па со самото тоа не се ни предложени квалитетни и издржани решенија

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Деновиве во медиумите се промовира ново кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, како решение за сè позачестените реакции на јавноста на судските одлуки поврзани со сообраќајните незгоди. Како и секогаш се нуди ад хок решение, без анализа, без утврдување на вистинските состојби, потреби и особено причините што доведоа до ваквите состојби и до негативните реакции.

Подолг временски период се случува поради зачестеност на сторување определени кривични дела, или под притисок на јавноста, власта да најавува воведување ново кривично дело како решение за постоечките состојби. Ваквото постапување е несоодветно, помалку популистичко и покажува недоволно познавање на правниот систем, но воедно покажува дека состојбите не се анализирани, причините не се детектирани, па со самото тоа не се ни предложени квалитетни и издржани решенија.

ДОСЛЕДНО ПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Едно од основните правила во правната наука е дека законот мора дословно и целосно да се применува во сите случаи и да важи подеднакво за секого. Правораздавањето и казните ќе имаат ефект и ќе ги дадат потребните резултати, само ако судската пракса е воедначена.

Понатаму, законодавецот, а во определени случаи и судиите, треба да сфатат дека зачестеноста на определено кривично дело е прашање на казнената политика, а не на смислување и измислување нови кривични дела.

Доколку се смисли и се воведе ново кривично дело постои реална опасност од колизија на истото со други членови од законот, но и со одредби од другите закони, кои упатуваат на таа определена област, бидејќи добар дел од одредбите на Кривичниот законик се бланкетни норми и упатуваат на други закони и прописи.

Кривичниот законик е логички заокружена целина и главно ги предвидел животните ситуации, особено во областите што се предмет на нормирање и кој се подолг временски период присутни во животот на луѓето и општеството, воопшто.

Сообраќајот е една од областите, која со децении е присутна во нашите животи и е нормирана и санкционирана согласно досегашните животни, но и правни искуства. Измислување ново кривично дело, воопшто нема основ, ниту оправдување, ако постоечките норми ги покриваат животните ситуации и настани во сообраќајот.

А, ги покриваат и ги санкционираат и нема ситуација што не е предвидена од употреба на дроги и психотропни супстанци, алкохол, несоодветна брзина, состојба на возилото, на коловозот, временските прилики, но треба да се знае да се прочита Законот. Во таа насока постојат и илјадници судски одлуки, кои ја создале судската пракса, но и го вообличиле нормирањето на оваа област.

ЗАТВОРАЊЕ ОЧИ ПРЕД ДОКАЗИТЕ

Загрозување на безбедноста на сообраќајот е предвидено како кривично дело во член 298 и во трите става ги нормира и ги санкционира сите ситуации спротивни на законот. Предвидени казни се во став 1 до 3 години, став 2 до 5 години и став 3 до 1 година.

Ставот еден предвидува умисла, а ставот 3, небрежност кај сторителот. Но, ако има потешки последици, повреди или штета се применува членот 300,  кој во ставот 1 предвидува казна до 10 години, ставот 2, најмалку 3 години (што значи може да оди до законскиот максимум), ставот 3- до 3 години и ставот 4- до 5 години. Ова покажува дека казните не се баш благи и доколку внимателно и праведно се определат и изречат, тешко дека ќе имаме вакви ситуации, особено ако се применат кон сите.

Но, ако е случен настан во кој сторителот постапувал со умисла -член 297 став 1 и настапи смрт на повредениот, чл. 300 став 2, не можете на еден кој е суден во Охрид да му изречете условна осуда, на друг во Гостивар – 6 месеци и, на трет во Кочани – 7 години.

Ова е причината за реакција на јавноста, а тоа е непочитување на Законот, негова селективна примена зависно кој е обвинет и затворање на очите пред доказите. Ова нема да го реши не создавање и измислување ново кривично дело, туку нема да го реши ни со 10 нови кривични дела.

Ова се решава само со доследна примена на законот, воедначена судска пракса, воедначени казни и евентуално заострување на казната по висина во постојните кривични дела, што е пракса на секоја нормална и правна држава. Такви примери можат да се најдат во секоја европска земја, но таму состојбите се следат и анализираат правно без политички влијанија.

За да се постигне ова, потребна е, пред сè, реформа на судскиот систем и утврдување на одговорноста на дел од обвинителите, судиите и вештаците. На оние што работеле спротивно на законот, манипулирале со доказите и донеле одлуки што се спротивни на законот. Донеле одлуки кои драстично отскокнуваат од вообичаената судска пракса.

Потребно е нивно санкционирање, реално детектирање на причините за ваквата ситуација, анализирање и предлагање мерки, кои координирано ќе се спроведуваат на сите нивоа и од сите органи и институции на територија на целата држава и воедначување на судската пракса преку начелните ставови и мислења, но и со воедначување на изречените казни.

 

Поврзани новости