Бежоска, маркетинг кампања или менаџер на годината

by fokus

пишува: Трифун КОСТОВСКИ

-Еуростандард банка-стечај!
-оштетени штедачи на улица!
-Бежоска жена менаџер на годината

Во контекст на горе напишаното, не само како реторичко прашање или вознемирувачки извични реченици наместо заглавие, сакам да им посветам внимание на оштетените штедачи, кои имаат оформено свое здружение и кои се присутни на социјалните мрежи.

Ние имаме иста цел, вие и јас, да го откриеме криминалот и да си ги вратиме украдените финансиски средства. Би сакал јас да ви поставам прашање, како го толкувате фактот што гувернерката Бежоска денес е прогласена за менаџер на годината?

Дали таа ја заслужува оваа титула и ако ја заслужува ЗОШТО? Не можам да разберам дека госпоѓата Бежоска, која прескокна низа алатки што ѝ беа на располагање за стабилизација на банката, денеска е прогласена за менаџер на годината.

Со нејзината одлука за носење на Еуростандард банка во стечај таа ве оштети вас, коминтенти на банката и нас акционерите. Сакам да ви порачам дека заедно можеме да бидеме посилни и да дојдеме до посакуваната цел.

ЕГЗЕКУТОРОТ НА ЕУРОСТАНДАРД ДОБИ НАГРАДА

Почитувани читатели, несомнено колумните кои излегуваат секој вторник во голем процент се посветени на стечајот на Еуростандард банка, чин кој и ден денес е неразбирлив за голем број правни и физички лица, коминтенти на банката, за нас бившите акционери и огромен број наши сограѓани кои будно ја пратат целата стечајна постапка.

Егзекуторот на Еуростандард банка, гувернерката Анита Бежоска се здоби со наградата „Менаџер на годината“, обзнанена од агенцијата за жени менаџери „Марили”. Се прашувам себеси, а вклучително и Вас, како може таква награда да добие личност која со неподнослива леснотија турна банка во стечај?

Најпрво таа не е менаџер, да имала трошка менаџерство вградено во својата професионална работа немаше да дозволи Еуростандард банка да отиде во стечај. Се покажа дека за Македонија со години важи една повторлива реториката и маркетинг трик: „Скопско и сѐ е можно”!

Госпоѓата Бежоска, актуелен Гувернер на Народна банка го испорача стечајот, нарачан од нејзините налогодавци, убедена дека нејзината обврска е завршена.

Не Госпоѓо Бежоска, пред вас стои голем предизвик со кој кога-тогаш ќе се соочите.

СЕ ПЛАШАМ ДЕКА СЛУЧАЈОТ ЌЕ БИДЕ ЗАБОШОТЕН

Почитувани пријатели, извештајот од сопствената истрага е готов веќе повеќе од месец и половина. Неговото обзнанување во јавноста е прашање на време.

Дилемата постои, а ќе постои и кај мене, дали после објавениот извештај со јасни податоци за направен криминал не само во Еуростандард банка, туку и во многу други банки, институциите на прогонот и обвинителството ќе преземат конкретни мерки. Политиката и политичарите кои го креираат нашето секојдневие се токму тие кои што треба да дадат амин за отварање на ваква постапка.

Имам впечаток дека партиите во РМ воопшто не се заинтересирани околу вистината за Еуростандард банка и од таа причина се плашам дека и овој случај ќе биде забошотен. Во Македонија постои гола борба за власт, без концепт како Македонија да се справи со основното општествено зло – организиран криминал и корупција.

Енергетската и социјална криза, кои катадневно се зголемуваат во Република Македонија, се голем предизвик за државата и голем товар за нејзините граѓани. Мојата сила да истрајам во оваа моја лична војна ја црпам токму од вас, граѓаните, бидејќи во изминатите речиси две години сите државни институции кои се занимаваат со криминал молчат. Молчењето не е злато, молчењето во ваков случај е зло.

Поврзани новости