Без заблагодарување и поздрав до сограѓаните, згасна официјалната страница на Делков

by fokus

Официјалната страница неготинскиот градоначалник Тони Делков од редовите на СДСМ, кој не се избори за втор мандат, набргу по прогласувањето на победа на неговиот противкандидат, д-р Горан Стојанов од ВМРО ДПМНЕ, се изгуби од етерот.

Страницата на социјалната мрежа Фејсбук -Тони Делков, градоначалник на Неготино, на која тој беше актуелен откако пред четири години ја доби довербата на сограѓаните, повеќе не е активна. Иако неговите поддржувачи и јавноста очекуваа обраќање по објавувањето на резултатите од страна на ДИК, сепак тоа не се случи.

Без поздрав или пак благодарност за поддршката која ја добиваше додека беше на функција, но и која ја доби и на сегашните локални избори, тој се повлече и нема излезено во јавност со свое обраќање, како што тоа го сторија останатите кандидати за градоначалници кои изгубија во првиот круг на гласањето.

Сепак, и покрај тоа што не им се обрати на граѓаните, Делков му ја честитал победата на својот политички ривал. Во разговор за „Фокус“, д-р Стојанов откри дека веќе заедно го испиле и традиционалното кафе по избори, но не се фотографирале.

Како потсетување, Делков дојде на функцијата градоначалник на Општина Неготино во 2017 година, кога освои 6.455 гласа, наспроти неговиот тогашен противкандидат Златко Пенков од ВМРО ДПМНЕ, кој доби 5.630 гласа.

На овие локални избори, Делков освои 4.839 гласа, наспроти д-р Стојанов, кој победи со 5.855 гласа. За разлика од 2017 година, кога во Неготино на гласање излегле 12.549 лица, а пак годинава 11.273 лица, односно дури 1.276 гласачи помалку.

Вики Клинчарова

Поврзани новости