Без посредници нема решение за македонско-бугарскиот спор

by Фокус 20:34
20:34

Оставањето на решението за спорот во рацета на волјата на посилниот и попривилегираниот, ќе доведе до политичка мобилизација и промени во Македонија како во 2008 година, по што ќе имаме само уште еден замрзнат конфликт на Балканот

Ѓорѓи СПАСОВ

Нашата земја ќе биде првата што ќе ја посети бугарскиот премиер Петков по неговиот избор на таа функција. Тој доаѓа на денот кога Бугарија ја призна независноста на Република Македонија точно пред 30 години, со цел да му биде искажана уште еднаш благодарност од македонскиот народ за тој значен чин на бугарската влада.Но, и да потсети дека Бугарија не само што прва ја признала незвисноста на македонската држава туку и имала голема улога во убедувањето на Русија тоа да го направи, па и на меѓународната задница, со што независноста на нашата држава станала реалност.

И не само тоа. Тој ќе потсети дека, признавањето на независноста на Република Македонија од Бугарија  овозможи Македонија веќе во 1993 година да стане членка на Обединетите Нации под привремената референца „ Поранешна Југословенска Република Македонија „ но и дека Бугарија одигра значајна улога во  спречувањето на економското задушување на Македонија, кое и се закануваше по воведувањето на трговското емабрго од страна на Грција во периодот од 16-ти фебруари 2004 година до 15-ти октомври 2005.година.

ПРАГМАТИЧЕН ЧЕКОР

Но, кога веќе тој ќе дојде да не потсетува на тоа, добро ќе биде ние да го потстетиме дека признавањето на независноста на една држава подразбира признавање на сите атрибути на таа независност, од признавањето на посебноста на македонската нација и на нејзина свест за нејзиното постоење и настанување до признавање на посебноста на македонскиот јазик.

Бугарија треба да прстане да се крие зад флоскулата дека „државите признаваат држави„ а не нации и јазици бидејќи аако бугарската официјална политика секогаш говори дека тие ја „признаваат современата македонска реалност„ и не го спорат македонскиот национален идентитет и јазик,  од низа чекори што ги прават станува јасно дека тоа не сосема така.

Прво, уште во далечната 1994 година, по првата посета на претседатлот Глигоров на Бугарија останаа непотпишани сите подготвени договори за потпишување,бидејќи бугарската страна инсистираше тие да бидат потпишани само на англиски јазик, а не на македонски и на бугарски. Со тоа јасно ставија до знаење дека не ја признаваат посебноста на македонскиот јазик, па и нација.

Една година по промената на власта во Македонија, на 22 фебруари 1999 година, премиерот на Бугарија Иван Костов и на Македонија Љупчо Георгивескија потпишаа Декларација за добрососедство меѓу двете земји со формулата „на официјалните јазици на двете земји, македонскиот според Уставот на Република Македонија и бугарскиот според Уставот на Република Бугарија„.

Тоа беше сфатено како прагматичен чекор во насока на деблокирање на односите меѓу двете земји и изноѓање формула за потпишување на договорите меѓу нив за економска, политичка и културна соработка.

„МАКЕДОНИЗМОТ“ КАКО ИДЕОЛОГИЈА

Бугарија со таа формулација си обезбеди право и натаму да тврди дека официјалниот јазик на Република Македонија е македонски само според Уставот на таа држава, и си го задржа правото да ја оспорува неговата посебност, постоењето на македонски јазик надвор од Уставот на Македонија, во согласност со тврдењето на своите историчари и лингвисти дека тоа е само „бугарски дијалект отчукан на српска машина за пишување„ кодифициран како јазик по 1945 година со цел за дебугаризација населението во Македонија и со сила преку „македонизмот„ како идеологија да се одалечи од неговите бугарски етнички корени.

Во Македонија на тоа не му се обрнуваше многу внимание. И јас лично го сметав за прагматичен пристап кој ќе биде надминат со времето, и затоа и Договорот за добрососедство меѓу двете држава потпишан во август 2017 година меѓу премиерите Заев и Борисов е потпишан со истата симетрична формулација за јазиците.

Постоеше надеж дека со потпишаните договори ќе пораснат економската соработка,  соработката во областа на туризмот, па и културната размена, кои ќе доведат до зближување на двата народи. Но тоа не се случуваше со потребниот интензитет.

И  додека Бугарија опстојуваше на таа формулација,  со потпишување на Договорот за добрососедство меѓу Грција и Македонија,таа го изгуби главниот сојузник на Балканот во негирањето на македонската национална посебност и посебноста на македонскиот јазик.

Со договорот од Преспа, Македонија призна дека го прифаќа тврдењето дека античката историја и спомениците од тој период се историја и споменици на хеленистичката историја и наследство, а Грција прифати дека во Северна Македонија живеат Македонци како посебна нација и се согласи јазикот на таа нација да го именува како македонски.

„ИГРА СО ЈАЗИКОТ“

Имајќи пред вид дека и во Обединетеите нации јазикот на кој се говори во Македонија е означен како македонски и дека нема спор во целата заедница на славистите и историчарите во светот дека станува збор за посебен јазик, врз основа на кој и се формирала нацијата, Бугарија во меѓународната јавноста останува осамена во тврдењето дека тој е само дијалект на бугарскиот, и уште поосамена во инсистирањето ЕУ да прифати во документите што ги потпишува со Република Северна Македонија да стои- потпишани на „македонски јазик според Уставот на Република Македонија„.

Зад оваа „игра со јазикот„ се кријат всушност многу подлабоки неразбирања меѓу двете земји.

Бугарија пред независноста на Македонија има потпишувано документи на бугарски и на македонски јазик со Југославија во која македонскиот јазик беше еден од официјаните јазици на целата земја. Но, откако Македонија стана независна, Бугарија на тоа заборави и ја изнуди формулацијата што е веќе спомената.

Суштината на опстојувањето од бугарската страна врз формулацијата „македонски јазик според Уставот на Република Македонија„ е всушност опстојување на тврдењето дека таков јазик не постоел пред донесувањето на Уставот, односно пред формирањето на современата македонска држава,  а со тоа не постоела ниту македонска нација, ниту може да постои некакво македонско национално малцинство во соседните земји, вклучително и во Бугарија.

Со негирањето на посебноста на македонскиот јазик реално се опстојува на тврдењето од бугарска страна дека денешната македонска нација е “вештачка нација„ или политички конструкт создаден по 1945 година, во делот од некогашната Вардарска Македонија кој и припаднал на Србија по балканските војни, со цел да биде олесната дебугаризацијата на тамошното бугарско населени кое, според бугарските историчари, имало јасни бугарски етнички корени и свест.

ФОНДОТ НА КАРАКАЧАНОВЦИ

И ова не е ништо ново во бугарската историографија и политика, од времето на Тодор Живков до денес.Тоа не се промени ниту со членството на Бугарија во 2007 година во ЕУ.

Напротив. Со тоа членство, Бугарија доби уште еден инструмент за докажување на бугарските корени на Македонците преку издавањето пасоши за работа во земји од ЕУ, и се стекна со позиција на земја која ќе оценува дали Македонија ги исполнува условите за членство во ЕУ.

На студенти од Република Македонија им се овозможуваше да студираат во Бугарија без висока партиципација што ја плаќаат странски студенти само ако изјавеа дека имаат бугарски етнички корени, а на секој  од Република Македонија што виде шанса да работи во ЕУ со помош на бугарски пасош, му се нудеше пасош само врз основа на изјава дека се чуствува како Бугарин и да уплати некоја сума во фондот кај Каракачановци.

Тоа важеше секако и за Македонците во Албанија со што се докажуваше дека таму нема македонско туку само бугарско национално малцинство. Така Бугарија откако стана членка на ЕУ се стекна со нови 100илјади Бугари од Македонија, од кои повеќето се на работа во некоја од европските земји.

За нас во Македонија, се додека ништо не ни зависеше од политичката волја на Бугарија, тврдењата дека сме Бугари долго време се сведуваа на виц според кој „Бугарската наука има докажано дека сите луѓе на земјата потекнуваат од мајмуни освен Македонците кои потекнуваат од Бугари„.

Но, откако Македонија е блокирана од страна на Бугарија за почеток на разговори со ЕУ, излегуваат на површина клучните „аспирации„ на Бугарија кон Македонија.

Бугарија сега од позиција на членка на ЕУ, како што ќе збележи пистелката Кица Колбе, реално води и брани идентична политика кон Македонија каква што рускиот претседател Владимир Путин води кон Украина.

ВОЛКОТ И ЈАГНЕТО

Прво, опстојува и натаму  на тоа дека Македонија некогаш била бугарска земја која е открадната од Бугарија.

Второ дека не постои македонска нација ниту посебен македонски јазик туку дека Македонија и Бугарија треба да се сметаат како еден народ во две држави.

Трето дека, дебугаризираните Македонци под влијание на српската и југословенска пропаганда и натаму ја фалсификуваат историјата и шират омраза кон бугарскиот народ говорејќи за некакви бугарски фашисти од време на Втората светска војна што ја окупирале Македонија..

Четврто, дека оние што се чуствуваат како Бугари во Македонија биле дискриминирани и затоа Бугарија има должност да се бори сосите средства за заштита на нивните човекови права што подразбира и нивно внесување во Уставот како државотворен народ во Македонија.

И петто, дека тие нема да и допуштат на Македонија да почне разговори со ЕУ додека Македонија не ја прифати нејзината историска вистина и нејзините барања.

Така тие го сфатиле почитувањето од македонска страна на Договорот за добрососедство и работата на комисијата за историски прашања.А сето тоа е многу навредливо за сите нас кои живееме во оваа држава.

Бугарија оваа политика не можела да ја спроведе ниту за време на окупацијата вовреме на Втората светска војна. А не, пак, денес кога Македонија е веќе членка на НАТО. Но може економски да не исцрпува со одлагањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ, и со создавањето услови за победна на националистичките и авторитарни сили на изборите во Македонија.

Сега сме во ситуација кога Бугарија во вид на волк кој пие вода од изворот го обвинува јагнето Македонија, кое пие подолу од изворот, дека му ја мати водата и дека ако не престани да ја мати ќе го казнел на свој начин. А тоа е водење политика од позиција на сила и моќ која произлегува од членството на Бугарија во ЕУ и од приципот во ЕУ сите одлуки за прием во неа да се донесуваат со консензус.

НЕРЕАЛНИ АСПИРАЦИИ

Шансите на Македонија да најде решение во таков спор со Бугарија само во меѓусебни разговори се рамни на нула.Уште посмешен бешеобидот преку специјални претставници од Македонија во Бугарија да се влијае врз промена на тамошното расположение.

Македонија реално има потреба од посредници и тоа можат да бидаат други и моќни членки на ЕУ и САД.Само тие можат да помогнат Бугарија да се откаже од своите нереални аспирации и да ја прифати политичката реалноста на Балканот.

Идејата дека без посредници ќе го решиме овој спор со Бугарија е нереална, како што беше нерелно дека спорот со Грција можеше да биде решен без посредници.

Македонија има право да се чуствува измамена од сите оние земји кои и говореа дека кога ќе прифати промена на името и на Уставот ќе и биде отворен патот кон членство во НАТО и кон ЕУ. Тоа тогаш го тврдеше и Бугарија.

Тоа чувство на измаменост ни е познато уште од 2008 година  кога се очекуваше Македонија да стане членка на НАТО заедно со Албанија и со Хрватска.

И тоа чуство на измаменост, кое истовремено упатуваше на наивност на македонските политички елити, доведе до јакнење на македонскиот национализам, до голема победа на авторитарните сили во 2008 година, и до губење на претседателските и на локалните избори во 2009. Оттогаш Македонија и сама почна да дава докази дека не заслужува да биде членка на НАТО и на ЕУ и остана во изолација до промената на власта во 2017 година.

Без меѓународна подршка и посредување во овој  спор со Бугарија не очекувам дека тој лесно ќе биде разрешен.  Напротив.Треба да се напушти илузијата дека сме способни сами без непристрасни и моќни  посредници еден ваков спор да го решиме во догледно време.

НЕМА БРЗИ РЕШЕНИЈА

Циничните изјави на некои амбасадори дека тие само ги охрабруваат двете страни да најдат решение за овој спор се само охрабрување на Бугарија да продложи со својата политика од позиција на сила кон Македонија.

Кога тие би објавиле дека ги охрабруваат Русија и Украина да најдат взаемно прифатливо решение, цел свет би им се смеел. Затоа е добро, се сето чувство на измаменост да погледнеме со реални очи кон проблемот и да сфатиме дека нема брзи решенија, ниту решение без соодветно учество на оние кои имаат поголема сила од оној кој со сила сака да и наметене решение на Македонија.

Неутралноста во време на изложеноста на еден народ на негирање на неговото постоење, ги охрабрува секогаш само негаторите.

Посредувањето за решавање на овој спор од страна на САД и на моќни членки на ЕУ е во интерес на мирот и во интерес на зачувувањето на ветувањата и вредностите на ЕУ.

Оставањето на решението за спорот во рацета на волјата на посилниот и попривилегираниот во овој случај, ќе доведе до политичка мобилизација и промени во Македонија како во 2008 година, по што ќе имаме само уште еден замрзнат конфликт на Балканот. И уште една разочарана нација од ЕУ.

Поврзани новости