Без најава и појаснување Неготино среде пандемија оставено без вода!

by Fokus

Веќе неколку дена наназад во Неготино без никаква најава од ЈП Комуналец се исклучува водата за пиење. Рестрикциите започнуваат во вечерните часови, а завршуваат во утринските. Зошто во ек на пандемија, за која здравствените власти редовно апелираат дека хигиената и редовното миење на рацете е клучен фактор за заштита од вирусот, граѓаните се оставени без вода со часови, нема никакво појаснување од надлежните служби.

На страницата на ЈК Комуналец последното известување за прекин на водата за пиење датира од седми мај. На официјалната страница на општината пак, во последното известување од страна на ЈП Комуналец е наведено дека поради чистење на каналската мрежа од алги, од 17-ти до 19-ти јули во прекин ќе биде снабдувањето со вода за полевање на дворните површини.

За рестрикциите на водата за пиење нема ниту една информација.

Одговорот се обидовме да го добиеме на телефонскиот број на ЈП Комуналец, објавен на нивната Фејсбук страница, но никој не одговори на нашите повици. Граѓаните се револтирани поради рестрикциите, но и поради нетранспарентноста од страна на надлежните служби.

На социјалните мрежи, на страници посветени на градот го изразуваат своето незадоволство и бараат одговори, но и решение на проблемот. Како потсетување, Неготино околу три децении се соочуваше со секојдневни неколкучасовни и целовечерни рестрикции на водата за пиење.

Лани, во месец јули градоначалникот Тони Делков порача дека проблемот со рестрикциите на водата за пиење заминува во историјата, бидејќи во координација со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, од Бојанчиште биле одвоени 20 литри вода во секунда и транспортирани во главниот цевковод на Лукар, а Бојанчиште добило доход на вода од други извори.

Бил откриен и дефект во Ваташа, каде се губеле околу 10 литри вода во секунда, и тој проблем бил саниран. И кај спортската сала во Неготино биле откриени и решени неколку дефекти, по што се очекуваше дека градот конечно ќе нема рестрикции, а граѓаните ќе можат да го остварат своето загарантирано право на вода за пиење.

Во исчекување на одговор од надлежните служби зошто се сопира водата за пиење во градот, и до кога ќе траат рестрикциите, неготинчани повторно полнат и складираат туби и шишиња со вода.

Вики Клинчарова

Поврзани новости