Без младина нема иднина

by fokus

Продолжиме ли вака да се однесуваме како држава и власт, безидејно, неодговорно, кусогледо и, пред сè, некадарно, тешко дека ќе можеме да зборуваме за иднина и напредок на општеството. Иднината не е резултат на избор на еден од патиштата што ги нуди сегашноста, таа е место создадено прво во мислите и волјата, потоа создадено во дејствување

Звонко ДАВИДОВИЌ

Седам на клупа пред спортската сала во Врање, редица од луѓе што чекаат да се вакцинираат со една од вакцините против ковид 19, а меѓу нив и моите деца. Џагори колоната на македонски јазик под српското  знаме, кое виори над нивните глави, затоа што се сите до еден Македонци, и тоа најголем дел млади луѓе на возраст помеѓу 25 и 35 години.

Иднината наша чека стрпливо да добие заштита од модерната чума, чека во туѓа земја, под туѓо сонце и знаме, затоа што под домашното сонце за нив нема вакцина, затоа што татковината не е кадарна да им го обезбеди она основното, она што друг може. Помислувам на сите оние млади кои веќе заминале под туѓото сонце, засекогаш, затоа што татковината не е кадарна да им го обезбеди она што друг може. Ги погледнувам децата, построени, стрпливи, наши и помислувам уште колку од нив ќе заминат таму некаде далеку, далеку од своите огниште, далеку од родителите, од своите корени… Уште колку Македонија ќе изгуби, уште колку може да си дозволи.

ПОД ТУЃО СОНЦЕ И ЗНАМЕ

Доаѓаат и си одат божемните татковци на нацијата, премиери и министри сите налик едни на други, исти или слични, и ниту еден од нив не се прашал што може да стори Македонија да не остане без својата иднина, без младоста. Доаѓаат со големи ветувања, ги полнат своите џебови и его, заминуваат како да не биле, без траг и печат на своето постоење, не оставајќи ништо зад себе и своето владеење, освен горчина и илјадници иселени млади луѓе.

Стрпливо чека нашата младост под сонцето кое пече, чека на 40 степени тивко и нема ниту еден збор кои личи на жалење, на кудење, на осуда. Тоа е она што е морничаво, она што најмногу и загрижува. Навикната е нашата младина да е маргинализирана, заборавена, да е на подразбирање.

ЌЕ СЕ СЕТАТ НА НИВ НА ИЗБОРИ

Знае дека само пред изборите ќе се сетат на неа, ќе ветуваат многу за да не остварат ништо. Знае нашата младина дека она изборно „остваруваме“, „преродуваме“, „можеме“, „заедно“ не се однесува на нив, туку на самите политичари, кои ќе ги остварат своите лични желби и потреби, ќе се преродат со полн џеб по мандатот и ќе можат без одговорност да заминат од политичката сцена заедно со украденото.

Не се лаже така лесно нашата младина, изиграна  многупати, знае дека ако самата не води сметка за себе, никој нема да води сметка за неа. Знае младината дека под нашето сонце нема за нив вакцина, нема работа, освен ако не си партиски послушник, лепач на плакати, викач на митинзи, глас на изборите. Дури и тогаш, како послушник мораш да работиш за смешна плата, да му климаш со глава на партискиот лидер и повторно да живееш со тато и мама и да бараш џепарлак од нив.

Најумните и најхрабрите заминаа во странство каде ќе бидат ценети и наградени за својот труд и знаење не за послушност и лигавење, а уште многумина се спремаат да тргнат по истиот пат кој води далеку од овде.

Пече јулското сонце без милост, колоната џагори и од време на време се придвижува кон салата да добие вакцина која за нив никој не ја обезбедил дома, во татковината. Препознавам лица кои ги видов во иста ваква колона на границата кога ја напуштавме Македонија, лица кои најверојатно ќе ги видам во колона на границата кога ќе се враќаме дома. Се прашувам дали истите лица ќе ги видам и на скопските улици, во кафулињата и по некој месец или никогаш повеќе нема да ги сретнам затоа што заминале засекогаш некаде во туѓина.

КОЛКУ ЌЕ ИЗДРЖАТ ПРЕД ДА ЗАМИНАТ

Морничаво е што не е веќе прашање дали ќе заминат дел од овие млади некаде во странство, барајќи подобар живот, туку е прашање уште колку ќе издржат пред да заминат.

Постојаното експериментирање со образованието, измислување на дополнителни академии, сертификати и дипломи по факултетската диплома, продуцирање кадар за кој нема работни места, ниту потреба, плати кои не овозможуваат иднина и самостоен живот без помош на родителите, партиската книшка како основен услов за вработување, целосна партизираност на државата, безидејноста и корумпираноста на власта се само дел од причините поради кои младите заминуваат.

Продолжиме ли вака да се однесуваме како држава и власт, безидејно, неодговорно, кусогледо и, пред сè, некадарно, тешко дека ќе можеме да зборуваме за иднина и напредок на општеството. Иднината не е резултат на избор на едeн од патиштата што ги нуди сегашноста, таа е место создадено прво во мислите и волјата, потоа создадено во дејствување.

Поврзани новости