Бетиан Китев околу веста за тепачка во партискиот штаб: Не ги решавам нештата со физички пресметки!

by Фокус

Веста дека во Кавадарци дошло до физичка пресметка помеѓу пратеникот и кандидат за градоначалник на СДСМ на последните локални избори, Бетиан Китев и претседателот на ОО СДСМ Кавадарци, Зоран Ѓорѓиев, објавена вчера во медиуми блиски до ВМРО ДПМНЕ, предизвика изненадување, но и неверување помеѓу кавадарчани. Поради тоа што Китев е познат помеѓу сограѓаните како смирена и рационална личност, многумина се посомневаа во веродостојноста на информацијата, која се прошири низ градот.

Имено, според објавите во медиумите, во кои што не е наведен изворот на информацијата, до пресметката дошло поради тоа Ѓорѓиев го обвинил Китев за изборниот пораз, а настанот се случувал во партискиот штаб. Дека станува збор за измислици со цел да се оцрни неговото име и да се фрли дамка врз СДСМ, ни потврди и Китев, додавајќи дека во изминатиов период константно се водела црна кампања против него и неговите родители.

-Веќе подолг временски период интернет портали блиски до ВМРО ДПМНЕ пишуваат измислици. Ниту сум учествувал во инцидент, ниту нештата во политиката сум ги решавал со физички пресметки! Има органи во партијата кои функционираат и кои носат конечни одлуки. СДСМ убедливо победи на овие избори и добро е што после долга политичка криза ќе се стабилизира политичката сцена во Македонија, а владата и новоизбраните градоначалници ќе може да ја реализираат програмата ветена пред граѓаните – ни изјави Китев.

Тој изгуби во вториот круг на изборите во Кавадарци од противкандидатот Митко Јанчев од ВМРО ДПМНЕ. Уште додека се пребројуваа гласовите, ни изјави дека доколку победи Јанчев, тој без проблем ќе му честита и ќе му посака успех на секое поле, за подобар живот на сите. И Јанчев, веднаш по победата ни изјави дека јавно му порачува на Китев да дојде во неговиот кабинет и заедно да го испијат првото кафе, со цел да започнат соработка и да ги усогласат програмите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости