Беспрекорниот Бенџамин

by Fokus

Неговиот стил и однесување се како по книга. Новиот шеф на претставништвото на УНИЦЕФ во Македонија има изглед што во ниту еден сегмент не отскокнува од фактот: без грешка.

Секој детаљ на него се карактеризира со беспрекорност, но тој не е ниту стереотипен, ниту формален, уште помалку намерен и нападен. Може да им држи лекции на нашите јавни личности за тоа како се усогласува облеката со ставот, или да го потврди фактот дека сѐ е на лицето. Спонтаност, неусиленост, концентрација што укажуваат на човек со самодоверба, сосема основана, но ненападна. Впечатокот што го остава би бил ист, зашто неусиленоста и себепретставувањето не може да се глуми.

Едноставен во настапот насмеан и искрен, умерен и речит, не сака да го сврти вниманието на себе со детали. Тој е целина. Таков се претставува. Концепт. Не може да се изземе дека моделот на кошулата, вратоврската и костумот се во согласност со професијата, пригодата и стилот на живот, но тоа не е ни на второ место. Кај него, ништо посебно не отскокнува, со што би сакал да се издели од масата на јавната сцена, но тој, сепак, целосно отскокнува со некоја сигурност и комплетност што ја носи како дарба.

Кога зборува, нема вишок гестикулации, со зборовите гледа да го каже она што тие околу него го кажуваат со гестикулации што не му доликуваат, ниту личат на лицето. Компетентноста и довербата се преплетуваат во впечатокот што на крајот останува зад него. Ова може лесно да се провери. Само споредете го неговиот јавен настап и настапот на луѓе со слична професија на нашиве простори. Тој сѐ постигнува со течен и аргументиран, искрен и сигурен говор, другите, сето ова го надоместуваат со одвишни гестикулации на лицето, што прават да изгледаат плачливо, сервилно, простодушно или самобендисано.

Кој и да е, што е дел од јавниот живот, треба да го набљудува неговиот настап и да се угледа на него. Од подобрите се учи, и тоа го знае секој што држи до себе. Од Бенџамин Перкс може многу да се научи. И како да се говори и каков да биде комплетниот впечаток. Кај него сѐ е вклопено и сѐ изгледа добро. Во согласност со тоа што го зборува и со улогата што ја има во едно општество и одговорната работа што ја води.

Свесен за сѐ, секој гест го прилагодува на ситуацијата, особено кога е свртен кон ранливата категорија – децата, кои се на некој начин обесправени во едно општество. Како се бива беспрекорен во она што се прави, а на тој впечаток не се инсистира, тоа може да се научи од Перкс.

 

Поврзани новости