На 46 – те Мајски оперски вечери, на 19 –ти мај со почеток во 20.00 часот, публиката ќе ја има можноста да ужива во раскошниот глас на оперската дива, Весна Ѓиновска Илкова, која ја има водечката улога во ,,Турандот’’ на Џакомо Пучини.

Сопранистката која се јавува во улога на Турандот, вели дека за неа е голема привилегија што ја има оваа носечка улога во операта веќе седум години во својот репертоар. Станува збор за улога, која многу малку оперски уметници ширум светот можат да ја изведат, а за прв пат, премиерно била изведена во 1926 година, во Миланската Скала, диригирана од Артуро Тосканини.

-Турандот е улога која е една од трите постилати на железниот репертоар за сопран. Заедно со Лејди Магбет и Абигаила (Набуко) јас често пати велам дека се свето тројство. Целата техника која ја има еден солист токму овде ја искажува. Предизвикувачка, со огромна вокална и драмска сила, и не случајно малку се вистинските гласови кои можат да ја изведуваат во светски рамки. Ја имам привилегијата да ја носам веќе седум години во својот репертоар – ни изјави примадоната.

Таа е првенец во Операта и редовен професор на ФМУ. Зад себе има десетици претстави, над 20 главни улоги, учества на интернационални фестивали и гостувања во државни театри во многу земји, но неретко потенцира дека улогата во ,,Турандот’’ и покрај експлицитноста и тежината, секогаш и била посебно драга. Нејзината кариера како професор и оперски солист трае повеќе од две децении и таа е водечки оперски драмски сопран во Македонија. На сцената секогаш е беспрекорна, харизматична и настапува со емоционалност која ја трогнува публиката. Има освоено голем број на награди и признанија, а нејзиното мото е дека уметникот е најсилен на сцената. Диригент на ,,Турандот’’ е Алесандро Д’ Агостини од Италија, додека режисер, сценограф, и костимограф е Џанкарло дел Монако, исто така од Италија.

Вики Клинчарова

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.