Бесплатен концерт за струмичани од Ленче и Горан Кукиќ со Јупитер

by fokus

Ленче и Горан Кукиќ заедно со нивниот бенд ,,Јупитер” вечерва ќе одржат концерт пред своите сограѓани во Струмица.

Настанот ќе се случува во НУЦК Антон Панов, со почеток од 20 часот, а истиот е бесплатен.

И минатата година во октомври музичкиот и брачен пар Кукиќ одржа голем концерт за струмичани во центарот за култура, а како гости се појавија нивните пријатели од регионалното музичко шоу ,,Никад није касно” каде што и двајцата беа учесници, но и ја однесоа победата, Ленче годинава, а пак Горан пред неколку години.

За вечерва повторно најавуваат музички гости, кои ќе бидат изненадување за публиката.

Концертот е насловен ,,Јупитер за градот” и е по повод празникот на Струмица ,,Свети 15 Тивериополски Свештеномаченици’’, но и начин музичарите да и се оддолжат на својата најверна публика, сограѓаните, кои им ја даваат поддршката речиси три децении, откако функционира бендот.

Ленче и Горан се познати како големи професионалци кои го посветија животот на музиката. По нивните стапки неодамна тргна и нивниот син единец, Иван, кој веќе извесен период настапува заедно со маестро на гитара Влатко Стефановски и неговиот син Јан, како ,,Трио Стефановски”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости