Бесплатен јавен превоз се додека загадувањето не се намали

by fokus

Поради големата загаденост на воздухот Градот Скопје донесе одлука од утре да биде бесплатен јавен превоз  во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници. Одлуката ќе биде на сила се до намалување на загаденоста, соопшти денеска градоначалникот, Петре Шилегов.

Тој ги повика сите градоначалници од Скопскиот плански регион да помогнат во субвенционирањето на јавниот транспорт за полесно да се поднесе новонастанатата ситуација.

Меѓу мерките кои ги донесе Град Скопје за справување со загаденоста, е прекин на сите градежни активности на градилиштата. Шилегов ги повика сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.

Градот го задолжи ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачува на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.

Шилегов апелираше до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.

Поврзани новости