Бесими: Приходите заклучно јуни повисоки за над 14 отсто

by fokus

Навистина добрата наплата на давачките во буџетот од почетокот на годината, овозможија да се издвојат дополнителни средства за мерки за поддршка на стопанството и за капитални инвестиции. Од почетокот на годината до 21 јуни, вкупните приходи се повисоки за 14,5 отсто во однос на лани, што се должи на навистина добрата наплата на даноци и придонеси, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на панелот „Економско закрепнување на Република Северна Македонија“ на Скопскиот економски форум.

-Заклучно најновите податоци со кои располагаме за наплатата на давачки во буџетот, односно од почетокот на годината до 21 јуни, вкупните приходи се повисоки за 14,5 отсто, со тоа што даночните приходи се повисоки за 19,3 отсто, а придонесите за 5,8 отсто. Иако споредбената основа лани вклучува и месеци кога реализацијата на приходите беше под силен ефект на Ковид-19 кризата, добра наплата на давачките во буџетот имаше и до средината на март,  односно период кој не беше зафатен од кризата. Буџетот е во добра кондиција. Расходите се извршуваат редовно и навремено, а некои обврски се исплаќаат дури и предвреме, во насока на заштита на одредени категории граѓани, како што е случајот со предвремената исплата на пензиите, рече Бесими.

Како што соопштија од Министерството за финансии, Бесими  посочи дека со ребалансот на буџетот, подобрата наплата на давачки во државната каса ќе се насочи кон потребите за имплементирање мерки за справување со кризата, субвенции, како и во насока на раст на капиталните инвестиции.

-Капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи, односно од иницијалните планирани 9,4 отсто се зголемува на 11,3 отсто  што е повисоко ниво од просекот во последните десет години (9,5%). Порастот се должи на обезбедување на средства за кредити со 0% камата преку Развојната банка за најпогодените сектори од областа на туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, приватните здравствени установи, понатаму за кредитната гарантна шема и формирање на Фонд за истражување и развој. Исто така, се обезбедуваат дополнителни средства кај буџетските корисници за реконструкција на јавни здравствени установи, капитални инвестиции во областа на детската заштита и социјалата, во патната инфраструктура, дополнителни средства за социјални станови и зголемен износ на средства за рурален развој, рече Бесими.

Поврзани новости