Бесими: Финансиска поддршка за тие кои останаа без работа, студентите, но и семејствата

by Fokus

Со добра стратегија за економска соработка во регионот, инвестиции во регионалната инфраструктура, развој на соработката и трговијата, можеме да постигнеме синергија и да го забрзаме економскиот раст, да постигнеме просперитет и да се донесе Европа и европските вредности во регионот, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Euronews Albania.

Тој, како што информираат од МФ, во интервјуто зборуваше за четвртиот пакет на мерки кој го донесе Владата и за очекуваните ефекти. Најави и грантови за компаниите кои се во сопственост или водени од жени, кои вработуваат млади лица или се извозно ориентирани.

-Со цел спроведување на холистички пристап, со новатата линија бескаматни кредити од 31 милион евра, ќе се доделува грант компонента од 30 отсто од земениот кредит со средства од Европската Унија на таргетирани категории засегнати од кризата, како компании кои се раководени или се во сопственост на жени претприемачи, кои вработуваат млади лица и кои се извозно ориентирани, посочи Бесими во интервјуто.

Ова, додаде, ќе ја зголеми конкурентноста и новиот дух во бизнисот.

-Всушност, ова се дел од мерките. Финансиски ќе бидат поддржани компаниите кои останаа без работа, вработените кои ги изгубија своите работни места, студентите, но и семејствата на кои им е потребна помош, прецизира Бесими.

Тој нагласи дека четвртиот пакет антикризни мерки се заснова на три столба. Првиот столб, како што кажа, се однесува за граѓаните, нивниот здравствен и социјален аспект, вториот столб на претпријатијата и зачувување на работните места, а третиот столб е поврзан со одржување на макрофинансиската стабилност.

-Пакетот е во износ од 470 милиони евра, од кои 170 милиони се директни фискални импликации, рече Бесими и најави дека до крајот на неделата ќе биде подготвен ребалансот на Буџетот со кој ќе се финансираат дел од мерките.

Поврзани новости