Бесими-Брнз: Продлабочена економска соработка со САД во блиска иднина

by fokus

Соединетите Американски Државни се еден од најзначајните стратешки партнери на Република Северна Македонија. Одличните политички релации меѓу двете земји треба да поттикнат и попродлабочена економска соработка во блиска иднина. Очекуваме зголемен број на директни инвестиции од САД во следниот период, кои ќе креираат работни места за високо едуциран кадар и извоз на добра со повисока додадена вредност.

Ова се пораките кои министерот за финансии Фатмир Бесими ги упати на денешната официјална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз, која беше придружувана од раководителот на канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски, соопшти Министерството за финансии.

Министерот Бесими истакна дека гледа можности за интензивирање на соработката во нови проекти кои ќе дадат нова додадена вредност.

– Клучно за поттикнување економски раст на среден и долг рок се реформите во областа на добро владеење, обезбедување одржлив раст, поттикнување на конкурентноста, зајакнување на човечките ресурси и дигитализација на екомијата. Тоа треба да придонесе во забрзување на економскиот раст од 2,6 проценти во минатата деценија на 4 % до 5 % просечен годишен раст во наредниот период. Ваквата амбициозна цел ќе значи и стратешко планирање и имплементација на Буџетот, што ќе го постигнеме со воспоставување на СМАРТ финансии. Во рамки на овој систем, а преку мерење на перформанс индикатори, ќе се следи реализацијата на капиталните инвестиции, како и економските политики и реформи, истакна министерот и додаде дека во делот на дигитализацијата гледа големи можности за соработка со САД со оглед на тоа дека голем дел од македонските информатичари веќе соработуваат со компании од ИТ индустријата во САД.

Тој притоа, ја информираше амбасадорката, дека во моментов се работи на четвртиот пакет мерки како дел од економскиот план за справување со здравствено – економската криза што ќе биде потаргетиран, a дел од мерките ќе се редизајнираат со цел зголемување на нивната ефикасност.

Амбасадорката Брнз, се посочува во соопштението, му го честиташе изборот за министер, посакувајќи му успех во работата и ја потврди заложбата за натамошна поддршка од страна на САД како стратешки партнер. Амбасадорката истакна дека сега како членка на НАТО и со отпочнати преговори со ЕУ, нашата држава станува попривлечна земја за инвестиции, што создава перспективи за побрз економски раст. Во таа насока, Брнз порача дека владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе бидат клучни фактори во подобрување на деловната клима и остварување на стратешките цели за побрз, одржлив и инклузивен раст.

Поврзани новости