Беше крал на ноќните свирки, кој носеше тивка тага во душата: Осум години без Дуле

by fokus

На денешен ден, пред осум години, јавноста остана во шок од веста дека Душан Љубисављевиќ, познат како Дуле од дуото Дуле и Коки, починал на клиниката за токсикологија. Кралот на ноќните свирки, како што го нарекуваа, си замина ненадејно, на свои 39 години, зад себе оставајќи ја сопругата Љупка и нејзината ќерка Илијана, за која со гордост секогаш кажуваше дека ја сака како свое дете.

Причината за неговата смрт остана недоволно позната во јавноста, а негови блиски луѓе, скршени од болка, тогаш за медиумите кратко потврдија дека се борел со неколку хронични болести, како и со карцином на црниот дроб, и срцето не му издржало. Самиот тој, за наглото губење на килограмите, неколку месеци пред да почине, раскажуваше дека се должи на промената на навиките и свртувањето кон здравиот начин на живот. Никогаш јавно не откри низ што минувал и неговите изјави секогаш беа полни со оптимизам и ведрина, посебно откако се скраси покрај Љупка.

Во времето кога почина, Дуле беше ангажиран во неговиот ресторан Доменика, но истовремено работел на песни, кои требало да се најдат на новиот албум. Останаа недопеаните песни, но и неизживеаниот живот на младиот човек кој беше синоним за другарство на естрадата. Срце како планина, секогаш достапен за сите, пријатели, колеги, медиуми, спонтан, музичарот беше од оние луѓе, кои секој би ги посакал во својата листа на пријатели.

Роден во Штип, уште како дете ја изгубил својата мајка која починала млада, а во тинејџерските денови заедно со неговиот другар Никола – Коки Јанков ја започнале музичката авантура настапувајќи низ штипските локали. Пресвртницата во животот му ја донесе евергринот ,,Виолина и гитара,, со која како дуо Дуле и Коки победија на Макфест во 1996 година, а останатото беше историја. Преселба во Скопје, хитови, настапи, голема популарност и огромна посетеност на гостувањата ширум земјата.

Боем во душа, кој оставаше дел од себе на секој свој настап, но и човек кој како да носеше некоја тага во себе, за која негови блиски знаеа да кажат дека е негов „багаж” од детството, од прераната загуба на мајката, од сето она кое животот му го ускратил во времето додека растел.

Краток брак со Санда Перковска, сопственичката на фирмата за хулахопки Санда, враќање на ергенскиот живот во 2009 година, а потоа и големата љубов која му се случи со струмичанката Љупка, и бракот со неа во мај, истата 2013 година, кога почина, го одбележаа неговиот емотивен живот.

Судбоносната „Виолина и гитара” која му го отвори патот кон ѕвездите е дело на Александар Митевски и Валентино Скендеровски, но жарот со кој ги отпеа сите песни кои следуваа потоа, го стави на листата на македонски пејачи кои остануваат да живеат вечно преку своите песни.

-Неоспорен беше талентот, изборот на песни исто така му беше прав погодок, но неговата широка душа беше пресудното Дуле да биде запишан во меморијата на народот како еден од оние ретките, чија ѕвезда никогаш нема да згасне – така го опишуваат неговите колеги и соработници, кои на неговата годишнина со тага се присетуваат на минатото.

Вики Клинчарова

Поврзани новости