БЕСА и Алијансата за Албанците ќе коалицираат со Заев под еден услов

by fokus

Движењето Алијанса за Албанците и БЕСА  бараат од СДСМ што поскоро да отпочнат преговори за формирање парламентарно мнозинство за состав на нова влада.

Услов за коалиција е прифаќање на заедничката албанска платформа и нејзиното главно барање за официјализирање на албанскиот јазик.

-Алијансата за Албанците е подготвена да ги даде потписите за мандатарот кој нема да ја одбие заедничката платформа на политичките партии. Овој принцип важи и за евентуалниот мандатар од СДСМ, а тоа е Зоран Заев. Ние сме подготвени да поддржиме влада само со условите кои се дел од платформата, но најпрво ќе бараме да се изгласа закон за албанскиот јазик, а потоа ќе ја поддржиме владата– изјави Флакрон Беџети од Алијансата за Албанците за Алсат-М.

Од БЕСА велат дека се подготвени да му помогнат на СДСМ да формираат парламентарно мнозинство, условот кој претседателот Ѓорге Иванов вчера му го постави на Зоран Заев за да му го додели мандатот за состав на влада.  Сепак, велат дека тоа не значи оти ќе бидат дел од идната влада, бидејќи досега не се преговарало за нивните барања ниту била преземена никакава иницијатива од страна на СДСМ.

Од ДУИ се воздражни и велат дека уште сите опции се отворени.

СДСМ пак, уште не почнал иницијатива за собирање на 61 потпис за добивање на мандатот за состав на влада. Од партијата денеска најавија дека за брзо време ќе излезат со решение и дека се убедени оти ќе формираат Влада.

Поврзани новости