БЕСА го токми тимот со кандидати за градоначалници: Касами или Азизи во Тетово, Реџепи во Чаир, Зендели во Липково

by Фокус

БЕСА е во финална фаза на подготовки за настап на претстојните локалните избори, така што деновиве ќе ги промовира кандидатите за градоначалници и советници. Од партијата велат дека се уште не можат официјално да ги соопштат адутите со кои ќе настапат на изборите се додека не ги верификуваат партиските тела и органи. Сепак, неофицијално веќе се знаат фаворитите на партијата со кои ќе се обиде да победи на во албанскиот табор.

Според информации на Фокус, партискиот лидер Биљал Касами е можен кандидат за градоначалник на Тетово, каде во игра е и Аднан Азизи, член на партиското централно претседателство. Дали партијата ќе настапи со Касами или со Незири, во голема мера зависи од проценката колкави се шансите за победа во најбитната општина за Албанците во земјава. Внатрепартиските анкети покажуваат дека овде предност има ДУИ од околу 2.000 гласа, но конечниот исход ќе зависи и од кандидатите, но и од однесувањето на избирачите од различните етнички заедници во вториот изборен круг.

Како што велат партиски извори, БЕСА во Чаир најверојатно ќе истрча со уште еден ччен на најтесното партиско раководство – Кастриот Реџепи. Партијата дефинитивно ќе оди на победа во Чаир, со оглед на исходот од последните парламентарни избори, каде најмладата албанска партија издвојува победа во еден дел од општината. Имено, оваа општина е поделена во две изборни единици, така што во едниот дел победи БЕСА, додека во другиот дел победи СДСМ. Како што е познато, ДУИ ќе се обиде да го поврати приматот во оваа општина со заменик-министерот за образование Висар Ганиу.

Што се однесува до останатите општини, кандидат за градоначалник на Гостивар од редовите на БЕСА ќе биде поранешниот македонски амбасадор во Данска Асаф Адеми, каде се очекува интересна битка, имајќи во предвид дека ДУИ ќе настапи со актуелниот градоначалник Невзат Бејта, а Алијансата за Албанците со актуелниот министер за здравство и Арбен Таравари. Упатените посочуваат оти Гостивар е доказ дека албанските партии ќе настапат со свои кандидати во скоро сите општини со доминанто албанско население, па сите калкулации за меѓусебна поддршка и соработка ќе ги остават за вториот изборен круг.

Исто така, Беса ќе го кандидира Шабан Зендели за градоначалник на Липково, каде партијата можеби има најголеми шанси за победа, ако се знае дека ДУИ се соочуваше со многу внатрепартиски проблеми и превирања, па дури и вооружани пресметки, а ДПА е во пад по дебакалот на последните парламентарни избори. БЕСА ќе има свои кандидати за градоначалници и во другите рурални албански општини во тетовскиот и други региони.

В.С.

Поврзани новости