Бериша: Косово годинава нема да аплицира за прием во Интерпол

by Fokus

Заменик министерот за надворешни работи во косовската Влада во оставка Антон Бериша изјави дека Косово оваа година нема да аплицира за членство во светската полициска асоцијација Интерпол, јави дописникот на МИА од Приштина.

Бериша, кој, на изборите што се закажани за 6 октомври, е кандидат за пратеник од партијата на премиерот во оставка Рамуш Харадинај, Алијанса за иднината на Косово (ААК), го обвини досегашниот шеф на дипломатијата и лидер на партијата Алијанса Ново Косово (АКР) Беџет Пацоли дека „избрза во апликациите за зачленување во Интрепол“.

– Ние не треба да итаме во овој процес, имајќи ги предвид околностите. Косово е во изборен процес и го нема целосниот капацитет, а ист е случајот и со Европската унија. Ние не можеме да се зачлениме во меѓународните институции без помош од нашите меѓународни партнери, изјави Бериша во синоќешното интервју за РТВ Дукаѓини.

Косово во изминатите две години имаше два неупсешни обиди да се зачлени во Интерпол, за што официјална Приштина го обвини Белград и неговата агресивна пропаганда меѓу земјите членки на организацијата. Тоа, како и лобирањето на Белград за повлекување на признавањата на независноста на Косово, беше повод за одлуката на Владата на Харадинај за воведување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Деновиве шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека, доколку Косово на нарeдната конференција на Интерпол, што ќе се одржи во октомври во Кејптаун, Јужна Африка, биде примено во организацијата, тој ќе поднесе оставка на функцијата.

Поврзани новости